Се враќаат приливите од македонските гастербајтери. Податоците од Народна банка покажуваат дека минатата година приливот на средства од странство повторно пораснал, и притоа ги надминал нивото пред пандемијата, односно нивото на приливи во 2019 гдоина.




Како што покажуваат податоците во 2019 година нашите иселеници испратиле милијарда ипол евра, додека во 2020 година приливите се намалиле на една милијарда и сто милиони евра, па во 2021 повторно пораснале приливие на 1,5 милијарда. Веќе минатата година приливите уште повеќе се зголемиле и достигнале скоро две милијарди евра.




Како што појаснуваат од НБРМ минатата година приливите од дознаки од странство од нашите работници или иселеници во споредба со 2019 година се зголемени за скоро 30 проценти.




– Во текот на изминатата година дознаките достигнаа близу две милијарди евра и се за речиси 30 отсто повисоки во однос на преткризната 2019 година, а претпандемиското ниво го достигнааа и надминаа уште во 2021 година.




Приватните дознаки историски претставуваат значен дел од вкупниот девизен прилив во платниот биланс на земјата и покриваат поголем дел од трговскиот дефицит. Тие низ годините се релативно стабилна категорија на девизен нето прилив во земјата и во просек, во периодот 2005-2021 изнесуваат околу 14 проценти од БДП, а со тоа се битна поддршка на девизните резерви и стабилноста на курсот – објаснуваат од НБРМ.




Од Народна банка дополнуваат дека приливите од приватните трансфери се битен сегмент од нашата економија, но не само од аспект на платниот биланс. Овие трансфери имаат опфаќаат важен сегмент од доходот во економијата и влијаат на животниот стандард на дел од населението и овозможуваат значајна поддршка на приватната потрошувачка, а со тоа индиректно и на растот на БДП.




– Нашите анкети за приватните трансфери покажуваат дека најголем дел од овие приливи (околу 80 отсто) се наменети токму за тековна потрошувачка. Како дополнителен извор на приходи за домаќинствата тие претставуваат и втора најзначајна компонента на реалниот расположлив доход, после масата на плати, односно според нашите оцени сочинуваат нешто над ¼ од расположливиот доход на населението – објаснуваат од Народна банка.




И во соседството средствата кои ги испраќаат гастербајтерите играат голема улога во поддршка на локалната економија, но и во подигнување на животниот стандард.




Во соседна Србија, според последните податоци на Народната банка на Србија, приливот на дознаки, односно исплати на пари од странство, надминал рекордни 5 милијарди.




Што се однесува пак до Албанија, последните податоци велат дека во земјата влегле 1,1 милијарда евра минатата година, и тие сочинуваат 10 проценти од нивнот БДП.
Извор/Фактор
