Планината Снежка, висока 1.603 метри, тој ден не простувала грешки.

Додека ветровите жестоко удирале по планината Снежка, а температурата се спуштала до екстремни –35 степени Целзиусови, Матеуш Карбови (27) решил да ги помести границите на човечката издржливост.

Облечен само во шорцеви, планинарски чизми и со волнена капа на главата, младиот Полјак тргнал кон едно од најстудените и најопасните искачувања што некогаш ги извел во својата земја.

Снимките станаа вирални

Планината Снежка, висока 1.603 метри, тој ден не простувала грешки. Со удари на ветер од речиси 50 км/ч и снежни врнежи, Карбови два часа неуморно напредувал кон врвот, изложувајќи го своето тело на неверојатен стрес и студ.

Снимките од неговата авантура, објавени на социјалните мрежи, брзо станаа вирални, собирајќи повеќе од 10,5 милиони прегледи и стотици илјади реакции.

Додека едни останале вџашени од глетката на човек прекриен со снег што му се лепи за кожата, други реагирале со страв, нарекувајќи го неговиот потег „луд и бесмислен“.

Го продолжил престојот на студот

Карбови истакнува дека физичкиот напор е само еден дел од предизвикот. Вистинскиот тест, вели тој, е менталната борба. Првите моменти на изложеност на студ се најтешки, бидејќи телото инстинктивно се спротивставува, но набргу настапува состојба на целосна концентрација.

Во тој момент, организмот преминува во режим на преживување, работејќи на границата на своите можности за да ја одржи топлината и функционалноста, пренесува Daily Star.

На самиот врв, наместо да се одмори, Карбови дополнително го продолжил престојот на студот, трчајќи и изведувајќи стој на раце, свесно тестирајќи ги границите на издржливоста. Секој чекор барал контролирано дишење, емоционална стабилност и постојано следење на сигналите што телото му ги испраќало.

Статус на интернет сензација

Иако реакциите на јавноста се поделени — од восхит до отворено згрозување — едно е сигурно: Матеуш Карбови не е непознат кога станува збор за екстреми.

Неговата наклонетост кон предизвици во ледени услови, вклучувајќи капења во замрзнати езера низ Полска, веќе му донела статус на интернет сензација.