Една жена ја сподели својата исповед за тоа како изгледа животот во брак без интимност.
Пренесува: Вукашин Ристиќ
Објавено: 25.12.2025 во 10:00 часот

(Илустрација) Мотивот да го напише овој текст била нејзината желба да ја сруши стигмата што владее во општеството – дека брак без интимни односи не е целосен.
Фото: Shutterstock

Една жена реши да ја раскаже својата приказна за, како што тврди, брак без интимни односи во кој живее, без тоа да значи дека меѓу нив повеќе нема љубов.

Нејзината исповед, објавена во британскиот „Дејли мејл“, служи како потсетник дека љубовта не мора да исчезне ако интимноста згасне. Напротив, нивниот фокус е насочен кон децата и заедничките моменти во кои уживаат.


Брак без интимност може да биде исто толку љубов

Мојот партнер Пол и јас седиме на каучот и гледаме пар кој страсно води љубов на кујнскиот пулт. Тоа е оној класичен, нереален секс што го гледате само на телевизија – спонтан, див, како во оние опојни денови кога штотуку ќе запознаете некого.

Пол и јас грицкаме нешто и повремено ги земаме телефоните за да провериме мејлови. Ниту еден од нас не е ни најмалку возбуден од она што се случува на екранот, а дури и ако сме – тоа не преминува во никаква акција. Искрено, можевме подеднакво да гледаме и емисија за антиквитети.

Реалноста е дека од нашето „мени“ не исчезна само страсниот секс – исчезна целиот секс. Да, ние сме еден од оние 28 проценти парови кои, според едно поново истражување, велат дека живеат во „брак без секс“. Формално, до таа точка се стигнува кога имате секс помалку од десет пати годишно. Ние сме дури и под тоа. Припаѓаме на оние седум проценти кои воопшто немале секс во последните 12 месеци. Можеби и подолго – престанав да бројам.

И покрај тоа, тврдам дека мојата врска е добра. Брачните советници можеби би се згрозиле, но јас сум доказ дека е можно да се биде среќен и во заедница без секс.


Заедно 27 години: од страст до тивка блискост

Пол и јас сме заедно 27 години, што несомнено има врска со тоа што привлечноста избледела. Се запознавме во задушлив ноќен клуб во источен Лондон, во хедонистичките деведесетти. Имав 25 години и бев во врска што се распаѓаше. Поврзаноста меѓу нас беше моментална. Се бакнувавме со часови. Бев речиси опседната со него – намерно се шетав низ маалото каде што живееше, надевајќи се дека „случајно“ ќе го сретнам.

Кога почнавме да се гледаме, неколкупати се обиде да раскине со мене, но јас бев упорна. Денес разбирам дека целата своја емоционална енергија ја вложував во врските – тоа беше единственото нешто што ми даваше чувство на смисла. Бев она што би се нарекло „класично зависна“ личност.

Во тоа време Пол беше недостижен, а нашата врска се темелеше речиси исклучиво на секс. Се среќававме, се бакнувавме со часови, или одевме кај него и пијани паѓавме во кревет. Пабовите и концертите ни беа природна средина. Да, тоа беа забавни времиња – полни со секс, но и со прегратки, бакнежи и држење за рака.

Знаев дека тој се гледа и со други, а и јас имав неколку кратки авантури, но кога дипломирав и влегов во работниот свет, решивме да бидеме исклучиво еден со друг.


Сè започна со работата

Многу патував поради работа и заедно доживувавме авантури истражувајќи градови. Немавме обврски, освен работата, и полека сите други луѓе исчезнаа од нашиот фокус – бевме само ние двајца. По две години се вселивме заедно, затоа што така прават паровите.

Без да забележиме, поминаа седум години и сексот, иако сè уште постоеше, почна да опаѓа. Верувам дека тоа е очекувано. Не познавам ниту еден пар кој и денес е подеднакво страсен како во првите месеци. Мајка ми велеше дека тоа е нормално, особено околу седмата година – не залудно се вика „кризната седма година“.

Работата ме исцрпуваше, штотуку бев унапредена на раководна позиција и често бев толку под стрес што сексот ми беше последното нешто на ум. Ни Пол не изгледаше заинтересиран – и тој минуваше низ свои професионални предизвици.

„Треба почесто да имаме секс“, ќе речев понекогаш, најчесто кога ќе се напиев.
„Да, треба“, ќе одговореше тој. Но никој од нас не вложуваше напор. Почна да личи на обврска, а не на забава. Неколкупати се обидов да иницирам, но бев одбиена – не поради некоја голема причина, туку затоа што бевме уморни. Сè стана удобно и предвидливо, а желбата ретко доаѓа спонтано кога живеете во рутина.


Желбата за родителство

Во средината на триесеттите години станав опседната со желбата да имам бебе. Пол беше согласен, па повторно почнавме редовно да имаме секс – но без страст. Беше рутински и исцрпувачки.

Никој не ви кажува колку малку радост има во сексот кога единствената цел е да забремените. Таа длабоко несекси мешавина од дисциплина, очај и разочарување. Користев тестови за овулација – кога ќе се појавеше мало смајли, значеше дека „е време“. Ќе го повикав Пол и уште еднаш ќе ги поминевме тие здодевни, функционални движења. Потполна спротивност од желбата во која си ја кинете облеката еден на друг.

Не успевав да забременам. По 18 месеци во кои имавме секс 15–20 пати месечно, се одлучивме за вештачко оплодување. Имав три спонтани абортуси и се чувствував како моето тело да ми станало непријател. Конечно, на 40 години ја добивме првата ќерка. Втората дојде кога имав 46 години – исто така со помош на третмани за плодност.

Ги обожаваме нашите деца, но искрено – родителството беше последниот клинец во ковчегот на нашиот сексуален живот. Интимноста стана обврска, а не уживање.


Можеби немаме секс, но се имаме едни со други

Денес имам 51 година, Пол 60, а децата 11 и пет. Мојот живот е фокусиран на нив, на работата, здравјето и менопаузата. Не, веќе немаме секс. Искрено, не ми недостига самиот чин. Моето либидо, поради хормоналните промени, едноставно згасна.

Разговаравме за отворање на врската, но ниту еден од нас не е заинтересиран. Пол дури рече дека тоа воопшто не го привлекува.

Кога разговарам со пријателките, најчесто се жалат на партнерите, на очекувањата што не се исполнети. Кога ќе се спомне сексот, велат: „Веќе не ме привлекува“, „Понекогаш чувствувам дека го мразам“, „Само сакам да бидам понежна, но сум постојано лута“. Оние што сè уште имаат секс, мора да го закажуваат во календар. „Брак без секс“ е еден од најпребаруваните поими на Гугл уште од 2004 година.

А сепак, во мојата врска има многу среќа. Со Пол изградив нешто стабилно. Имаме исти вредности кога станува збор за воспитувањето на ќерките. Пријатели сме. Се смееме. Тим сме – како да весламе заедно низ брзици што постојано се менуваат.


Нема брзи решенија, но љубовта останува

Посетивме и онлајн курс кај психотерапевтката Естер Перел. Тоа отвори важни разговори. Пол ми призна дека му недостига блискоста што сме ја имале. Не толку самиот секс, туку физичката нежност.

Сега се трудиме да бидеме понежни еден со друг, но не секогаш доаѓа спонтано. Нема магично решение. Само разговор, време и прифаќање.

Ќе имаме ли повторно секс? Можеби. А можеби и не. Но знам дека тоа не е мерило за квалитетот на една врска. Сè уште постои искра – и не чувствувам дека сме само пријатели.

„Како мислиш дека ќе се чувствува кога ќе го прочита ова?“, ме праша пријателка.
„Се надевам дека ќе почувствува дека го сакам и дека сакам да успееме“, одговорив.

Недостатокот на желба, заморот, стресот, годините – тоа им се случува на многу парови. Време е да престанеме да молчиме. Само ако зборуваме отворено, можеме да ја тргнеме стигмата и да продолжиме понатаму.