Летувањето во Грција за многу граѓани е синоним за одмор, море, сонце и безгрижни денови. Сепак, една туристка , Марија, годинава ќе го памети своето патување по нешто што целосно ѝ го расипало расположението.

Имено, додека возела автомобил во папучи, била запрена од сообраќајната полиција и добила парична казна. Иако кај нас возењето во папучи не претставува прекршок, во Грција правилата се значително построги кога станува збор за безбедноста во сообраќајот.

Марија била изненадена, бидејќи не знаела дека ваквото однесување може да биде казниво. Според грчките прописи, обувките што не обезбедуваат стабилност и можат да се излизгаат од ногата при управување со возилото се сметаат за потенцијален ризик за безбедноста.

Нејзината приказна е потсетник за сите што патуваат во странство дека е важно однапред да се информираат за локалните закони и сообраќајни правила, бидејќи тие често се разликуваат од оние во сопствената земја. Така може да се избегнат непријатни изненадувања и непотребни трошоци за време на одморот.