Во Скопје воздржано беше пречекана веста за убедливата победа на Прогресивна Бугарија на поранешниот претседател Румен Радев на изборите во соседната земја.
Фактот дека по повеќегодишна криза и серија вонредни избори, конечно некој ќе има апсолутно мнозинство, се толкува како предуслов за решавање на спорните прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.
Некои аналитичари во Скопје и пред изборите не се радуваа на очекуваната победа на Радев, сметајќи дека во Софија има многу полиберални политичари од него. Сепак, Северна Македонија ни со таквите досега немаше подобра среќа.
„Ниту еден бугарски политичар не може да излезе од бугарската матрица, ниту од нивната национална доктрина за македонското прашање“, вели за DW Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор во Софија.
„Не е спорно дека Бугарија прва ја призна независна Македонија, но има проблем со македонскиот суверенитет, што го изразува преку ставот дека ‘Македонија може во ЕУ, но македонството не може’. Ни Радев не може да излезе од таа матрица, ниту пак има овластување од граѓаните за тоа“, додава Ѓорчев.
Чиј е Гоце Делчев?
Односите меѓу двете земји со децении се студени, бидејќи Софија го негира македонскиот идентитет, а јазикот го смета за дијалект на бугарскиот.
„Компромисот“ од 2022 година, според кој Северна Македонија треба да ја вклучи бугарската заедница меѓу конститутивните народи, денешните власти во Скопје не го спроведуваат. Владата ја предводи конзервативецот Христијан Мицкоски.
Според Ѓорчев, бугарската политичка сцена е поединствена во своите ставови од македонската.
„Ние тука треба да покажеме исто такво единство. Треба да се бараат патишта за соработка, да разговараме за сегашноста и иднината, а не за тоа чиј е Гоце Делчев. Дали Франција и Германија расправаат чиј е Карло Велики?“
Но, вели тој, не може вината да се бара во Бугарија, бидејќи некој овде потпишал дека со Бугарија „имаме заедничка историја“.
Се мисли на поранешните социјалдемократски власти во Скопје кои во 2022 година го изгласаа таканаречениот Француски предлог во парламентот и прифатија дел од бугарските барања. ВМРО-ДПМНЕ, сегашната власт, тогаш остро протестираше, нарекувајќи го тоа „злосторство врз цела нација“.
По кој пат ќе оди Радев?
Радев убедливата победа ја оствари главно зборувајќи за корупцијата на претходните власти. Сепак, во Европа беше пречекан со скепса и прашањето дали е „новиот Виктор Орбан“ поради добрите односи со Москва.
Тој самиот изјави дека Бугарија „ќе го следи европскиот пат“, но и дека на Европа ѝ се потребни „критичко размислување, прагматизам и реални резултати“.
Според мислењето на поранешниот амбасадор Ѓорчев, Радев веројатно ќе бара соработка и со земји надвор од ЕУ доколку процени дека тоа е во интерес на Бугарија.
„Тој е бугарски суверенист. Ги познава и НАТО и може да процени што е добро за Европа и што е добро за Бугарија“, додава тој.
