Православна црква и нејзините верници го одбележуваат споменот на преподобниот Доротеј.
Преподобниот Доротеј бил родум од Тиваида. Живеел во пустината близу Александрија, во местото Келије Пустиначки.
Преподобниот Паладиј, епископ Јеленополски, ученик на Свети Доротеј и очевидец на неговите подвизи, во своето „Лавсаик“ пишува дека старецот Доротеј 60 години поминал во една пештера, водејќи многу строг живот.
Преку целиот ден, па и под попладневното жешко сонце, собирал камења во приморската пустина и постојано градел келија, а потоа ги подарувал на оние што не можеле сами да си изградат.
Јадел малку сув леб и прегратка зелје и пиел малку вода.
Преподобниот Паладиј сведочи дека никогаш не го видел да ги испружил нозете, да легнал, туку по цела ноќ плетел кошници од палмови прачки и така заработувал за својот леб.
Се упокоил кон крајот на IV век.
Обичаи и верувања
Беседата за денешниот ден нè потсетува кога не треба да се нарушува постот, и нè поучува дека никогаш не смееме да се откажеме од можноста да му помогнеме на ближниот:
„Никогаш не го нарушувај постот во среда и во петок. Тој пост е заповеден од Црквата и добро објаснет. Ако некогаш во животот си го нарушил тој пост, моли Му се на Бога да ти прости, и повеќе не греши.“
„Не одрекувај добро на оние на кои им е потребно, кога можеш да го направиш. Ни Господ не ти го одрекува она што ти е потребно, затоа и ти не го одрекувај на човекот кого Господ ти го испратил во пресрет за да го испита твоето срце. Ако некој сиромав некогаш во животот ти ја подаде раката за помош, подај му и не одбивај. Твојата немилост ќе те пече како жар и нема да ти даде мир сè додека не се покаеш и не ти омекне срцето.“