Дознајте проверени трикови како ајварот да не се расипе без конзерванс – од стерилизација и пастеризација до старинскиот слој масло.
Ајварот е крал на зимницата и незаменлива вкусотија на нашите трпези. Сепак, секоја домаќинка знае колку е важно да не се расипе брзо, особено ако избегнуваме да користиме вештачки конзерванси. Добрата вест е дека постојат проверени трикови, засновани на долгогодишна практика и совети од кулинарски стручњаци, кои гарантираат дека вашиот ајвар ќе остане вкусен и безбеден за јадење со месеци.
1. Стерилизација на теглите и капачињата
Првиот и најважен чекор е теглите и капачињата добро да ги измиете, потоа да ги ставите во рерна на околу 100 °C за да се стерилизираат. Врелиот ајвар сипете го директно во загреаните тегли, веднаш затворете ги и свртете ги наопаку додека целосно не се изладат – така се создава вакуум кој го штити ајварот од расипување.
2. Намачкајте масло на површината на ајварот
Кога ќе ја наполните теглата, на самиот врв сипете тенок слој масло. Тој ќе направи заштитен филм кој го спречува допирот на ајварот со воздухот и значително го успорува расипувањето.
3. Додадете малку оцет
Оцетот природно ја намалува pH-вредноста и на тој начин дополнително го чува ајварот. Доволно е да ставите 1–2 лажици бел или вински оцет во мерката што ја варите.
4. Варете долго и полека
Колку е ајварот погуст, толку подолго трае. Затоа пиперките и модрите патлиџани треба добро да се исцедат од вишокот вода, а смесата да се вари на тивок оган додека не добие компактна, мачлива структура.
5. Пастеризација за сигурност
Ако сакате целосна сигурност, наполнетите и затворени тегли ставете ги во голем сад со врела вода и пастеризирајте ги 15–20 минути. Тоа го продолжува рокот на траење на ајварот без никакви хемиски додатоци.
Важно напомена:
Кога еднаш ќе ја отворите теглата, никогаш не вадете ајвар со валкана или влажна лажица. Најмалата контаминација може да предизвика расипување.
За вкусен, здрав и долготраен ајвар не е потребен конзерванс – туку трпение, внимание и неколку проверени трикови. Ако ги стерилизирате теглите, додадете масло и оцет, доволно долго го варите и го чувате на вистински начин, ајварот ќе биде беспрекорен и ќе го дочека и пролетта.
