Од банките велат дека ќе им ги уважуваат личните карти на граѓаните со старото име Република Македонија чиј рок на важење не е истечен, а во ДИК објаснуваат дека според актуелните одредби во Изборниот законик во Избирачкиот список се запишуваат сите полнолетни граѓани со важечки лични документи

Граѓаните кои имаат важечки, неистечени лични карти со старото име на државата Република Македонија после 12 февруари нема да имаат пречки при посета на банкарските шалтери, а нема да имаат проблем ниту при гласањето на претстојните претседателски избори на 24 април и на претседателските избори на 8 мај. Без проблем ќе се вадат пари и ќе се гласа.
Од банките неофицијално велат дека ќе им ги уважуваат личните карти на граѓаните со старото име Република Македонија чиј рок на важење не е истечен. Официјален став на Македонската банкарска асоцијација со кој ќе се потврди ова како правило за сите банки се очекува во текот на оваа недела.

Во Државната изборна комисија велат дека според актуелните одредби во Изборниот законик во Избирачкиот список се запишуваат сите полнолетни граѓани со важечки лични документи. Во процедура се измени на Изборниот законик кој треба да се усогласи со препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а во ДИК велат дека меѓу препораките има делови кои укажуваат дека на граѓаните не треба да им биде ускратувано или ограничувано избирачкото право, а во врска со проблемите и пречките при издавањето на личните документи.

Издадени над милион лични карти со Република Северна Македонија

И од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ повторно потврдија дека граѓаните кои нема да успеат да ги заменат личните карти со старото уставно име на државата нема да сносат последици во смисла на казни или ускратено право на глас.

Од МВР велат дека од 5 јули 2021 година до 31 декември 2023 година нови лични карти со уставното име Република Северна Македонија извадиле 1.007.855 граѓани. Бројот на променети пасоши е поголем и за истиот период изнесува 1.169.463, а извадени се и 529.799 нови возачки дозволи. Според бројките на МВР и со оглед дека околу половина милион лица во Македонија се малолетни, излегува дека уште околу 300.000 граѓани ги немаат променето личните карти.

Навалицата за нови лични карти почна пред неколку месеци кога министерот Оливер Спасовски усно најави дека после 12 февруари 2024 година нема да важат личните карти, возачките дозволи и пасошите поради Преспанскиот договор и ги повика сите граѓани да ги сменат за да имаат документи со уставното име на државата. Редовните термини со телефонско закажување брзо се пополнија и лани во октомври термин се добиваше за годинава во мај. Откако МВР сфати дека нема никаква шанса сите навреме да ги променат документите, отвори пункт во полициската станица „Пролет“ каде граѓаните можат да се фотографираат за личните документи без претходно закажување.

Исплашени дека нема да можат да извадат пари од банка или дека нема да можат да гласаат, граѓаните навалија на новоотворените шалтери и оттогаш до денес таму е метеж. Луѓето доаѓаат уште пред разденување, во 5, па и во 4 часот наутро, за да „фатат ред“, но и покрај тоа речиси сите чекаат повеќе часови, а многумина доаѓаат и по неколку дена и напразно чекаат без да завршат работа.

Од МВР велат дека дневниот проток на шалтерите во ПС „Пролет“ кои работат во две смени во работните денови, а се отворени и во сабота изнесува од 8.000 до 10.000 граѓани. Не можат да проценат уште колку време ќе трае метежот во ПС „Пролет“ и кога може да се очекува сите полнолетни граѓани во Македонија да имаат нова лична карта, усогласена со Преспанскиот договор.
Што се однесува до метежот и повеќечасовното чекање при подигнувањето на веќе готови документи, од МВР само повторуваат дека шалтерите работат и преку викенд, што соодветно било најавувано преку медиумите за граѓаните да бидат информирани кога и каде можат да подигнат документи./СП