Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, упати јасна порака до граѓаните кои планираат да купат стан – да бидат внимателни и да инвестираат исклучиво во веќе изградени објекти со целосна документација.
Тој предупреди дека купувањето стан „во градба“ носи сериозен ризик, особено во услови кога на пазарот постојат шпекулации и нагло зголемување на цените на станбениот квадрат.
„Би ги советувал граѓаните да купуваат готови станови – оние што можат физички да ги видат, со важечки имотен лист и употребна дозвола. Постои шпекулација на пазарот и се плашам дека таа може во еден момент да ‘пукне’, што би довело до ситуации каде инвеститорите нема да можат да ги завршат започнатите објекти“, изјави Николоски.
Според него, во таков случај, граѓаните би можеле да останат и без стан и без вложените средства.
Николоски истакна дека државата има ограничени можности за интервенција, бидејќи инвеститорите градат на сопствено земјиште, со важечки урбанистички планови и платени комуналии. Но, проблемот настанува доколку инвеститорот нема финансиска моќ да го доврши проектот.
„Тогаш ризикот целосно паѓа врз купувачите кои купиле нешто што сè уште не постои“, нагласи министерот.
Тој посочи дека цените на квадратниот метар бележат пораст, особено во неколку урбани центри, што се користи шпекулативно бидејќи пазарот тоа го дозволува.
„Поскапувањето е најизразено во урбаното јадро на Скопје, но и во Тетово, Штип, делумно Струмица, како и во Охрид, особено во деловите поврзани со туризмот. Истовремено, во останатиот дел од државата имаме обезвреднување на имотите, што ја продлабочува внатрешната миграција и централизацијата“, рече Николоски.
На прашањето дали Владата планира мерки за намалување на цените, Николоски беше дециден дека не постои мерка што може да донесе пониска цена на квадратот.
„Тоа е невозможно. Но, може да се влијае индиректно“, нагласи тој.
Како конкретни чекори ги наведе ослободувањето на младите од плаќање комуналии за изградба на куќи, обезбедување поевтино земјиште – практика што веќе ја применуваат дел од општините – како и изградба на социјални станови за најранливите категории.
Дополнително, тој посочи дека Собранието одлучило данокот на прв промет на стан да остане 5 проценти, наместо да се зголеми на 18 проценти.
„Свесно се откажуваме од дополнителни приходи за да го ублажиме растот на цените. Ако данокот беше 18 проценти, тоа директно ќе ја зголемеше конечната цена на становите“, заклучи Николоски.
