Таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, наместо во затворски притвор во Шуто Оризари, да оди во куќен притвор, бара неговиот бранител, адвокатот Владимир Туфегџиќ. Освен жалба за притворот, одбраната ќе бара од Обвинителството да објасни зошто Ѓорчевски сè уште не е повикан на распит. По објавите на српскиот политичар Срѓан Ного, кој тврди дека Александар е невин, адвокатот Туфегџиќ најави дека ќе бара и информации од обвинителот како аудиоснимките, на кои се слуша гласот на Ѓорчевски, стигнале во рацете на контроверзниот српски политичар Срѓан Ного.
Од Обвинителството, пак, велат дека Ѓорчевски веќе дал исказ, но не коментираат што ќе преземат во врска со видеата што ги објавува Ного, кој пак, тврди дека ги открил сторителите на злосторството. Оттаму велат дека објавувањата на снимките од случајот со убиството до овој момент не штети на истрагата за двојното убиство и само апелираат до оние што објавуваат да размислат за етичноста на објавите и за вонемирувањето на семејствата на жртвите
Владимир Туфегџиќ, бранител на осомничениот Александар Ѓорчевски, татко на киднапираната и убиена Вања Ѓорчевска, бара затворскиот притвор на неговиот клиент да му се замени со куќен притвор. Тој смета дека ниту една од мерките, спрема осомничениот татко на Вања, не е оправдана, но дека замената на затворскиот со домашен притвор ќе му помогне на семејството кое е погодено од трагедијата.
– Свесен сум дека постапката околу укинувањето на притворот ќе трае. Иако спрема осомничениот не е оправдана ниту една мерка, сепак со мерката ќуќен притвор ќе се задржи кохезијата на семејството кое е длабоко погодено со оваа трагедија“, смета Туфегџиќ.
Освен жалба за притворот, Туфегџиќ, за „Скопје 1“, најави дека ќе бара и информации од обвинителот како снимките, на кои се слуша гласот на Александар Ѓорчевски, стигнале во рацете на контроверзниот српски политичар Срѓан Ного. Претходно Ного објавуваше видеа на Јубтјуб и тврдеше дека таткото на Вања е невин.
Туфегџиќ, исто така, ќе бара ОЈО да му објасни зошто неговиот клиент сè уште не е повикан на распит. Вели дека таткото на Вања во истрагата нема дадено исказ и дека тој дал исказ само во предистрагата, кога му бил определен краткотраен притвор.
– Како бранител, до овој момент бев доволно трпелив и имав разбирање. Неколку пати го контактирав Јавниот обвинител, меѓутоа до овој момент не добив одговор, ниту покана мојот клиент да даде исказ и да бидеме повикани во просториите на ОЈО да се запознаеме со доказите поради кои има основано сомнение за негова инволвираност. Јас сум лично изненаден од објавувањето на тие материјали. Истражните органи ќе треба да дадат одговор како и на кој начин се креирани материјалите и како дошле до лицето кое ги објавува. Во оваа прилика, јас можам да ја потврдам автентичноста на оној аудиозапис каде што се слуша гласот на таткото, а надлежните истражни органи ќе треба да дадат одговор кој го креирал овој аудиоматеријал и како овој материјал е дојден до лицето кое ги објавува – вели Туфегџиќ.
Од Обвинителството пак, велат дека Ѓорчевски веќе дал исказ, но не коментираа што ќе преземат во врска со видеата што ги објавува српскиот политичар. Од таму велат дека објавувањата на снимките од случајот со убиството до овој момент не штети на истрагата за двојното убиство и само апелираат до оние кои објавуваат да размислат за етичноста на објавите и за вонемирувањето на семејствата на жртвите
– Истражната постапка е во тек. Јавниот обвинител ги спроведува истражните дејствија онака како што налагаат доказите и потребите на постапката. Лицето за кое покажувате интерес даде свој исказ уште на почетокот на постапката. За разлика од останатите осомничени, тој ја негираше неговата инволвираност и какви било сознанија за настанот. Што се однесува до објавените снимки, јавното обвинителство веќе апелираше лицата кои објавуваат вакви снимки да размислат за етичноста на објавите и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите – велат од Обвинителство.
Контроверзниот српски политичар Срѓан Ного, деновиве објавува видеозаписи и фотографии на српскиот Јутјуб канал за грозоморните убиства на Вања и Панче и укажува на слабости во постапувањето на истражните органи. Ного тврди дека фризерот од Велес не е убиен за долг од 500 евра и дека таткото на Вања ги открил сите детали за грабнувањето на ќерката.
-Доказите во полицијата ги обезбедил таткото и ги доставил во полицијата. Заслугите не одат за полицијата туку за таткото. Открил и споил нешто што не требало да биде откриено. Наместо да добие орден затоа што решил две тешки убиства, тој е уапсен и медиумски сатанизиран, вели контроверзниот српски политичар Ного. Тој се закани дека ќе објавува информации сè додека македонските власт не ја кажат вистината.
Измина повеќе од еден месец од двојното убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски, а во меѓувреме на сите осомничени за киднапирањето и убиствата им е продолжен притворот за уште 30 дена. Велибор Маневски, Влатко Кешишов и Боре Видевски се осомничени за грабнување и помагање на убиство и на Ѓорчевска и на Жежовски. Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Тие од почетокот на декември се во притвор во Шутка.
На првоосмничениот за двојното убиство, Љупчо Палевски, во Турција му е одреден привремен затвор во казненопоправната установа во Баликесир. Палевски ја напушти државата на 30 ноември и преку Србија и Бугарија избега во Турција каде што беше уапсен од тамошните власти во градот Баликесир. Според одредени укажувања ќе бидат потребни месеци за тој да биде екстрадиран во Македонија.
74-годишниот велешанец Панче Жежовски и 14-годишната Вања беа пријавени за исчезнати на 24 и на 27 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје по една недела, на 3 декември./Vecer
