Стануваат уште во шест часот наутро, за во осум часот кога ќе бидат отворени шалтерите на пунктот да „имаат фатено ред“ и да добијат барем мала предност и надеж дека во следните неколку часа ќе успеат да се сликаат за промена на личните документи.
Чекаат надвор на неподносливо ниски зимски температури. Молат бога кога ќе се отвори пунктот да работат сите шалтери, а не само неколку, како што често било случај досега, поради серија околности, на пример боледување или коистење на годишен одмор на вработените кои работат таму.
Ова е дел од агонијата со која се соочуваат македонските граѓани кои се обидуваат да ја искористат услугата за промена на личните документи без закажување, за која беше отворен специјален пункт пред полициската станица Пролет.
„Ми рекоа дека без шест часа не можам да завршам работа. Исто така, препораката е да се отиде порано, пред да се отворат шалтерите, за да се фати редот и да се добие каква таква предност пред да се создаде неподносливиот метеж во подоцнежните часови. Денеска имам слободен ден од работа и решив буквално целиов ден да го ‚упропастам’ за да се сликам за промена на пасошот и личната карта. Друг избор немам бидејќи во март треба да патувам надвор од земјава, а доколку го вадев пасошот во редовна постапка требаше да чекам дури до мај, бидејќи за тогаш ми закажаа термин“, вели една скопјанка која трпеливо го чека редот за да ја промени својата патна исправа.
Таа во декември имала еден неуспешен обид да се слика за промена на личните документи, за што излегла и од работа, но после два часа неуспешно чекање се откажала, бидејќи морла да се врати на работното место.
Оваа скопјанка ни обезбеди и фотографии од денешната редица пред пунктот на МВР кај полицискта станица „Пролет“.
Инаку, ова е само повторување на сликата и од претходните денови, каде граѓаните со часови чекаат за да ги сменат своите лични документи, бидејќи тие ќе бидат важечки само до 12-ти февруари, а по тој датум, личните карти и пасоши на кои стои старото име „Република Македонија“, повеќе нема да важат.
Ова чекање мораат да го поминат и постарите граѓани, од кои многумина се изнемоштени и со нарушено здравје, па затоа им создава и дополнителни проблеми.
Инаку, доколку денеска се обидете да закажете редовен термин преку линиите на МВР, воопшто нема да ги добиете, бидејќи или даваат зафатено, или исклучуваат.
А, како што претходно соопштија од МВР, старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, ниту пак ќе биде прифатена како документ во институциите, а и со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило.
А, не се само редиците она што ги мачи граѓаните. Имено, тие се револтирани што сега треба повторно да ги платат високите цени за новите документи, иако тоа еднаш веќе го платиле, а старите документи имале уште долг период до рокот на истекување. Имено, за пасош за возрасен се потребни 2.300 денари, за младите и децата е поевтино, за лична карта тарифата е 310 денари, за возачка дозвола е 520, а за сообраќајна 250 денари. Промената на документите, со Република Северна Македонија произлезе од Преспанскиот договор.
Инаку, на 15 ноември лани министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со раководството на МВР го посети новоотворениот пункт на МВР за промена на лични документи.
„Од денеска и официјално го отпочнуваме процесот на фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје, без претходно закажување на редовната постапка, со цел во определениот законски рок, до 12 февруари 2024 година, граѓаните да ја направат промената на личните документи со Република Северна Македонија , задолжителна обврска која што произлезе од Преспанскиот договор потпишан со Грција“, рече тогаш министерот Спасовски во изјава за медиумите.
Притоа, тој информираше за воспоставениот систем на работење на пунктот.
„За таа цел периодов инсталиравме 10 нови работни станици каде што ќе можат граѓаните да извршат сликање за документите. Системот е тестиран и овозможува по околу 1.000 лица за период од еден работен ден да ја поминат процедурата. Воедно, сакам да информирам дека работното време на пункот е од 08.00 до 18.00 часот, со можност за продолжување до 20.00 часот“, рече министерот./ФАКТОР
