Мартин опиша низа разочарувања што ги доживеал за време на летувањето на Закинтос.

По неколку дена поминати на Закинтос, туристот од Македонија, Мартин, го сподели своето искуство кое, според неговите зборови, воопшто не се совпаѓа со вообичаените препораки за ова популарно грчко острово. Иако со години наназад е едно од омилените летни дестинации за туристите од Балканот, според Мартин, Закинтос не ги исполнил високите очекувања.

Во објава што предизвика големо внимание во Фејсбук Мартин опиша низа разочарувања при обиколката на познатите плажи – од слабо уредени крајбрежја и непристапен терен, до гужви и превисоки цени. Неговото искуство отвори дискусија меѓу другите членови на групата: додека некои се согласија со него, други му укажаа на скриените убавини кои, според нив, ги пропуштил.

„Денес првото разочарување на Закинтос… Тргнавме во обиколка на останатите плажи, на списокот беа плажите Аликанас и Аликес, нормално, по препораки. Не знаеш која е полоша. Тесни плажи, со мал песочен дел, мешавина од камчиња и песок, преполно со водени спортови (педалинки и гумени чамци), покрај камен мол, трева и ветер – не пречи тоа, туку пречи патот кој е веднаш до плажата“, напиша Мартин и додаде:

„Разочарани отидовме на следната плажа „Xigia Sulfur“ (природна бања), е таму дури и полошо. Мала, камена плажа, едни до други, преполно, паркинг пет евра за два часа, седум евра за цел ден – прескапо кога ќе видиш што добиваш за тие пари… Да знаев десет отсто од она што го видов, немаше ни да ги видам овие плажи… Не сме очекувале Кефалонија, Елафонисос, Лефкада, Милос, Скијатос, но уште помалку очекувавме дека вака големо острово ќе има само четири убави плажи. По шест дена на Закинтос, единствена препорака се плажите Геракас, Каламаки, Плака и Банана (делот што е подалеку од зоната со гумени чамци). Се надевам дека на некого ќе му значи да знае што да не посети.“

Во коментарите, дел од членовите на групата се согласија со некои детали, додека други споделија што навистина вреди да се види на Закинтос.

„Затоа се оди на море во јуни (на почеток), или во септември, кој може, се разбира… Најмногу ми остана во сеќавање плажата Дафни. Мислам дека така се вика. Мир, тишина… Иако, тоа беше пред 18 години“, стоеше во еден коментар. Во друг се вели:

„Отишле сте на погрешната страна од Аликес/Аликанас. Поблиску до соланата плажата е многу широка и со ситен песок. Тој првичен дел кај пристаништето навистина е лош, но како што се оди понатаму, сè станува сè поубаво.“