Министерката за одбрана, одговарајќи на новинарски прашана, денеска упати и апел до Синдикатот на контролорите на летање, но и до сите синдикати, како што додаде, да се залагаат за решавање на проблемите, без притоа да се политизираат прашањата. Апел упати и до политичките партии да не влијаат и да не ги злоупотребуваат синдикатите
Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска мошне директно го сподели својот став во врска со одлуката на Основниот кривичен суд Скопје да не им определи притвор на четворица од осомничените за упадот и насилството во Македонската навигација (М-НАВ).
Таа, одговарајќи на новинарско прашање, рече оти не се согласува со ваквата одлука и смета дека Судот треба да ја преиспита и да ја сфати посериозно целата ситуација со минатонеделните случувања во М-НАВ.
„Во однос на коментарите на Судот и одлуките што ги донесе, лично јас не се согласувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспита одлуката. Апсолутно, не сакам да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, меѓутоа сметам дека целата оваа ситуација треба малку посериозно да ја сфатат. Ќе имаат веројатно дополнително време. Убедена сум дека извршните органи, Министерството за внатрешни работи одлично ќе си ја заврши, и ја заврши до тука својата работа, меѓутоа треба да се има предвид севкупното законодавство во Република Северна Македонија, но и меѓународните обврски што ги имаме преземено“,
рече Петровска која денеска во Министерството се сретна со шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир и амбасадорот Томаж Ловренчич, директор на словенечката организација за унапредување на човековата безбедност – ИТФ, а по повод потпишување на Меморандумот за разбирање.
Инаку, за потсетување, Кривичниот суд не го прифати барањето на Основното јавно обвинителство Скопје на четворица од осомничените за упадот во М-НАВ да им биде одреден притвор. Наместо тоа, Судот се одлучи на поблаги мерки за обезбедување присуство, што беше причина Обвинителството да поднесе жалба, која, како што вчера беше најавено, кривичен совет на судот од денеска да ја разгледува и да донесе одлука. Обвинителството ги товари четворицата осомничени, меѓу кои е и шефот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, ексминистер и вработен во М-НАВ, Беким Незири, за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.
Коментирајќи ги последните случувања во Македонската навигација, Петровска рече дека без разлика дали станувало збор за недоразбирања меѓу двајца колеги или нешто повеќе, такви настани во институција која е дел од критичната инфраструктура на земјата се недозволиви.
„Од тие причини таквите појави, таквите однесувања и на вработените, меѓутоа и реакциите од синдикатите итн. покажаа дека со таа институција недоволно добро се менаџирало и се раководело и од тие причини практично беше поднесен и предлогот за разрешување на директорите. Може да зборуваме за многу работи, меѓутоа со некои работи, особено работите кои се однесуваат на безбедноста на нашите граѓани, но и на граѓаните ширум светот компромис нема да има. И, оттука сме должни сите ние, и јас како министерка без разлика што сум политички именувана, меѓутоа и сите останатите кои сме носители на вакви функции да гарантираме дека во институциите ќе владее професионализам“,
порача министерката за одбрана./360 Stepeni
