Откако центарот на Скопје е новогодишно украсен, речиси и да нема ден кога нема гужва на Плоштадот Македонија. Освен што е полн центарот на градот, до четвртокот вечерта беа полни и кафулињата и рестораните во близина.
Од петокот попладне, откако Владата донесе одлука угостителските објекти да работат само до 18 часот, низ скопските улици по 18 часот е речиси празно, секаде освен во центарот на градот. Се чини дека цело Скопје, во попладневните и во вечерните часови е собрано на Плоштадот Македонија.

Во ваква атмосфера, тешко е возможно да се одржува дистанца. Маски носат повеќето од граѓаните, но не сите. Најмногу луѓе се збираат пред куќичките- тезгите кои продаваат кафе, десерти и освежителни пијалоци. Годинава е забранета продажбата на алкохол, за разлика од претходните години кога речиси секоја тезга нудеше греано вино.

