Обилните врнежи што го зафатија западниот дел од земјата предизвикаа сериозни проблеми на терен. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека преку бројот за итни повици 112 е пријавено големо свлечиште во селото Шипковица, кое се наоѓа во населено подрачје и претставува директна опасност за жителите.

Според директорот на ЦУК, Мухамед Али, четири куќи се сериозно загрозени, а ситуацијата се следи со максимална внимателност. На терен се активирани службите на ЦУК, СВР Тетово, како и Градежниот инспекторат на Општина Тетово. Истовремено е свикан и Кризниот штаб на општината.

„Во моментот се преземаат мерки и им е дадена препорака на жителите да ги напуштат домовите поради опасност од нови свлечишта“, велат од ЦУК.

Проблеми со одрони има и на други места во државата. На подрачјето на Општина Штип се појавиле одрони на камења на патниот правец Делчево – Истибања, каде што екипите на ЈП Македонија пат редовно интервенираат и овозможуваат непречено одвивање на сообраќајот.

На патот кон селото Моштица, во Општина Македонска Каменица, од екипите на ЈП Камена Река е извршено целосно расчистување на одронот, па сообраќајот таму во моментот се одвива нормално.

Надлежните апелираат на внимателност, особено на регионалните патишта каде поради врнежите постои ризик од нови одрони и активирање свлечишта.