Православна црква и верниците денес го одбележуваат споменот на Свети Партениј Лампсакиски.
Според преданието, Свети Партениј го очистил градот од безбожништво, ги затворил идолопоклоничките храмови и изградил многу цркви, утврдувајќи ја верата меѓу народот. Се верува дека со молитва лекувал разни болести и бил особено строг кон злите сили.
Живот исполнет со вера и милосрдие
Светителот бил син на ѓакон од градот Мелитопол. Уште како дете ги паметел зборовите од Евангелието и се трудел да живее според нив. Се населил покрај езеро, каде што ловел риба, ја продавал и им помагал на сиромашните. Подоцна, по Божја промисла, бил избран за епископ на Лампсак.
Со својата посветеност, го зацврстил христијанството во градот, градел храмови и ги охрабрувал верниците да останат цврсти во верата.
Предание за неговата духовна сила
Според црковното предание, еднаш кога сакал да истера зол дух од еден човек, духот го молел да не го прогонува. Светителот му рекол дека ќе му даде „друг човек“ во кого може да влезе, а кога духот прашал кој е тој човек, Партениј одговорил: „Јас сум тој – влези во мене.“
Кога го чул тоа, злиот дух избегал, велејќи дека не може да влезе во „дом Божји“.
Молитва на денешниот ден
Се верува дека денес верниците треба да се помолат со следната молитва:
„Боже на татковците наши, постапувај со нас секогаш според Твојата благост. Не нè напуштај поради Твојата милост, туку по нивните молитви во мир уреди го нашиот живот.“
