Предлог-буџетот за 2026 година носи позитивни вести за пензионерите и граѓаните, најавувајќи ново зголемување на пензиите за повеќе од 10 проценти, како и повисоки средства за социјална заштита, здравство и образование.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, во гостување на телевизија Телма истакна дека буџетот е „домаќински скроен“, со јасна цел – фискална стабилност и подобар животен стандард за граѓаните.

Според него, средствата наменети за пензии се значително зголемени, со што директно ќе се поддржат пензионерите во услови на зголемени трошоци за живот.

„Пензиите ќе пораснат за повеќе од 10 проценти. Пензионерите не треба да се грижат – нивните приходи ќе бидат усогласени со реалните животни трошоци“, изјави Петрушевски.

Тој ги демантираше тврдењата дека буџетот за социјална заштита е намален, нагласувајќи дека напротив – финансиската поддршка за ранливите категории е зголемена.

Во новиот буџет се предвидуваат и повисоки средства за здравството, кои ќе бидат насочени кон подобрување на јавното здравје, набавка на нова медицинска опрема и унапредување на услугите за пациентите.

Дополнително, буџетот за образование бележи раст од 3 до 4 проценти, што треба да придонесе за подобри услови во образовниот процес.

Согласно проекциите, во 2026 година се очекува и раст на просечната нето плата од 6,5 проценти, зголемување на бројот на вработени за 1,6 проценти и намалување на невработеноста на околу 10 проценти.

Петрушевски нагласи дека буџетот е подготвен транспарентно и во согласност со законските процедури, со активно учество на сите буџетски корисници.