Сигурно ви се случило омиленото јадење на многумина – полнети пиперки – да не ви испадне како што сте очекувале, или да не биде толку сочно и вкусно како обично? Дознајте каде можеби грешите и како тоа да го поправите во иднина…
Купувате погрешен вид пиперки
Најдобрите пиперки за полнење се бабурите. Секако, можете да пробате и со шилести или други видови, но во тој случај ќе добиете сосема поинакво јадење од она што традиционално го подготвуваат мајките и бабите.
Избирате погрешно месо
Иако секоја домаќинка има свој рецепт, за филот најчесто се користи мешавина од мелено месо, ориз и кромид, со зачини како меленa пиперка, бибер, сол, магдонос и лук. Чисто говедско месо најчесто е премногу суво, па затоа се комбинира со свинско. Добар однос е 70:30 во корист на говедското. Некои готвачи во месото додаваат и ситно сечкана сланина – така пиперките се многу повкусни и посочни.
Пиперките не ги полните правилно
Откако ќе ги исчистите пиперките од семките, наполнете ги со смесата, но никогаш до врвот. За време на готвењето, оризот ќе набабри, па смесата може да истече, а пиперките да се распукаат. Пиперката можете да ја затворите со тркалце домат или компир, за да не излегува филот надвор.
Додавате премногу запршка
Пиперките спаѓаат во зеленчук што потешко се вари, а ако додадете и маснотии и многу запршка, постои ризик да зажалите што сте изеле една повеќе. Полесна варијанта подразбира помалку запршка или брашно и малку меленa пиперка разматена во вода, со што исто така може да се згусне јадењето.
Погрешно го подготвувате оризот
Ако оризот го преварите, резултатот нема да биде најдобар. Затоа е најдобро во смесата со месо да се додава суров (незготвен) ориз.
