Секоја петта пекара во Србија ги прекршува прописите бидејќи користи лажни сирења и со тоа ги доведува потрошувачите во заблуда, утврдила инспекцијата. На 1 август започна примената на уредбата со која се забранува производите со палмино масло да се претставуваат како млечни. Поради тоа, инспекторите секојдневно се на терен.
Началникот на Одделението за земјоделска инспекција за безбедност на храната, Ненад Вујовиќ, вели дека најчестите неправилности се во декларациите на производите — односно, не е јасно наведено дека станува збор за производ што содржи замена за млечна суровина.
Вујовиќ објаснува дека кога пекарот нуди бурек со сирење или некое друго печиво што треба да содржи млечен производ, а наместо тоа користи аналоген производ на база на растителни масти или палмино масло — тогаш не може да се зборува за штетност на производот, но може за измама на потрошувачите.
„Токму тоа беше причината Министерството за земјоделство да предложи и усвои уредба со која е прецизно дефинирано дека секој што нуди ваков производ мора тоа јасно да го означи“, нагласува Вујовиќ.
На прашањето како се проверува потеклото на суровините ако производот е веќе испечен, на пример бурек, Вујовиќ вели дека постојат различни начини за тоа: следење на документацијата, физичка контрола, увид во магацини, земање изјави итн.
Како треба да изгледа исправна декларација
Вујовиќ објасни дека најчестите прекршоци се токму во декларациите, но дека бројот на неправилности постепено се намалува.
„Откако почнавме со контроли и откако е донесена уредбата, производителите сè повеќе сфаќаат колку е важно потрошувачите правилно да се информираат“, рече тој.
Декларацијата, според него, треба да биде јасна — текстуално и графички.
„Треба да има текст што укажува дека производот не е 100% од млечна суровина и графички знак – знак за извичник, доволно видлив за потрошувачот. Тој знак треба да биде поставен над производот во продажниот простор“, појасни Вујовиќ.
Инспекцијата, додава тој, од почетокот на годината примила 47 пријави од потрошувачи во врска со пекари и печива, од кои во 16 случаи се покажало дека потрошувачите биле во право.
Казни и санкции
Постојат два вида казни – управни и парични.
„Инспекторот може веднаш на лице место да изрече забрана за промет или производство, а паричните казни ги изрекуваат судовите врз основа на нашите барања. Оваа година во пекарите имало околу 76 такви случаи“, вели Вујовиќ.
Сепак, од стапувањето на уредбата во сила, бројот на прекршоци е намален.
Какви печива јадеме
Вујовиќ истакна дека ретко кога се открива нешто опасно по здравјето во пекарските производи.
„Направивме сериозна анализа за последните 10 години и утврдивме дека процентот на неправилности е под еден процент“, рече тој.
Најчесто станувало збор за упакувани лебови што се задржувале подолго од пропишаниот рок.
„Тоа ни покажува дека лебот и печивата во Србија се на задоволително ниво. Ние како инспектори сме задоволни, а секој откриен случај само потврдува дека контролните механизми функционираат“, истакна тој.
Хигиената – црвена линија
На темата хигиена, Вујовиќ нагласи дека тоа е граница под која инспекторите не одат.
„Хигиената мора да постои. За декларации или рокови може да се даде време за исправка, но за хигиена – не. Во такви случаи веднаш се забранува производството“, изјави тој.
Оваа година, поради хигиенски пропусти, биле затворени 14 пекари.
Во контролите спроведени од 1 август, само во два случаи хигиената не била на задоволително ниво.
Совет до граѓаните
„Ако посомневате дека некое печиво нема вистински сирење, прво – немојте да го купите. Второ – пријавете го случајот во земјоделската инспекција, која ќе реагира веднаш“, заклучи Вујовиќ.
