Поранешната пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, инаку обвинета во случајот „Друмарина“, во својот најнов статус на Фејсбук, вели дека судијата на барање на Обвинителството две години и десет месеци ги држи „замрзнати“ становите на нејзините синови во Скопје.
„Судија на претходна постапка, по барање на СЈО како неовластен тужител, на 07.03.2018 донесе времена мерка – забрана за отуѓување и ставање под хипотека на недвижен имот на моите синови, која е во сила веќе 2 години и 10 месеци, спротивно на член 202, став 2, алинеја 4 од ЗКП, односно, без никаков доказ дека имотот е стекнат со кривично дело“, напиша обвинетата, која инаку живее во Струмица.




Според Бонева, Кривичниот совет не сака да прифати дека нејзините синови становите ги купиле од свои извори на средства.
„Дополнително, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 Скопје, во своето Решение од 15.03.2018 год. ја отфрла Жалбата поднесена од моите синови на 14.03.2018, без да се земат во предвид доказите за изворот на средства со кои е купен станот и без никаков доказ дека имотот е стекнат со кривично дело, спротивно на член 202, став 2, алинеја 4 од ЗКП“, напиша Бонева, која генерално во својот статус тврди дека делото, доказите и постапката се застарени.




Пред еден месец почна судењето за поранешната пратеничка, за која обвинителот Артан Ајро тврди дека приложувала лажни сметки од патарина на релација Скопје-Струмица и со тоа незаконски прибавила 100 илјади евра.




Според обвинението, таа свесно ги довела во заблуда службите во Собранието кои и ги исплаќале тие трошоци за да се стекне со противправна имотна корист како главен мотив. Таа немала покритие, односно дека прикажувала лажни сметки за патување, а имала стан во Скопје.
Faktor
