Шабан Трстена, единствениот Македонец со златен медал од Олимписки игри, објави дека пред три дена, лекувајќи се од Ковид-19, бил блиску до смртта, и побара од премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче, да ги наградат медицинските лица кои се бореле за неговиот живот, но и сите останати од фелата, но и да бидат посебно одликувани.




„Ја користам можноста и моментот уште еднаш да апелирам до премиерот и целиот државен апарат, дека овие големи херои облечени во бело треба да им дадеме мотовација и бидат наградени, украсени со највисоки државни почести. Ова ќе се запишува и ќе ја кажува историјата низ вековите. Ова ќе биде меѓународна гордост на нашата мала земја, но од големо срце што знае да ги цени и наградува големите херои, во овој случај лекарите. Бог да го благослови нашиот народ. Со почит, срдечни поздрави од вашиот олимписки шампион, Ш.Т“, напиша меѓудругото Трстена на Фејсбук.




Освојувачот на златниот медал на Олимпијадата во Лос Анџелес во 1984 веќе 15 дена се лекува во болница и додаде дека дури од денеска се чувствува подобро и успеал да напише пофални зборови за персоналот.




„Чудно ми е, како тие имат големо срце, влегуват од соба во соба, одат од човек до човек, се жртвуваат себеси со заразната болест од коронавирусот, своите најблиски, само да не лекуваат нас. Овие херои заборавија дека имаат свои деца и заборават дека имаат одмор, дека треба да јадат и да спијат навреме.




Ако некој треба да биде прогласен за херој во оваа борба против непријателот коронавирусот, без сомнение тоа треба да биде целиот болнички персонал, почнувајќи од лекарите, медицинските сестри и целиот персонал кој е на фронтот против невидливиот непријател, што го нарушува животот во целата планета“, објави Трстена./Фактор.мк
