Иако годината што изминува сака да ја памети само по убави нешта, сепак не може да ја игнорира пандемијата со коронавирусот. Таткото на градот Петре Шилегов за 24 инфо вели дека на пролет не очекува нова градежна офанзива. Со него разговаравме за плановите за реконструирање на повеќе сообраќајници, за почеток на два големи проекти БРТ Трамвајот без шини и Скопје Smart City, но и изградба на целосно нов забавен парк и ботаничка градина. Празниците ќе ги помине дома со семејството но и со миленикот Тоби Шилегов, бишон кој од годинава станал дел од нивното семејство.
На крај сме на 2020 година. Како прв човек на градот по што ќе ја паметите изминатава година?

Иако сакам да ја паметам само по убави нешта, сепак не можеме да ја игнорираме пандемијата коронавирусот. Моравме да се навикнеме на новите општествени околности и да го прилагодиме нашето однесување на некои нови правила со цел да го заштитиме сопственото здравје, здравјето на нашите најблиски, но индиректно и здравјето на нашите сограѓани. Мило ми е што Градот Скопје беше меѓу првите институции во државата кои се приспособија на новите услови. Продолживме вредно да работиме за да може градот непречено да функционира. Успеавме проектите да ги реализиравме без застој, вложивме многу во подигнувањето нови зелени површини, продолживме да воведуваме нови стандарди за квалитет во уредувањето на јавните површини, а реализиравме и градежна офанзива во која почнавме со изградба и реконструиравме 19 градски сообраќајници.
Во време на пандемија со ковид 19 никој не е заштитен од болеста. Ја имавте таа несреќа вирусот да го почувствувате на сопствена кожа. Кога дознавте дека сте заболен како течеше лекувањето имавте ли тешка клиничка слика?
Јас ја имав таа среќа во несреќа да го прележам вирусот со релативно лесни симптоми иако морам да признаам дека воопшто не е пријатно сознанието дека бев зарзен од вирус од кој многу луѓе го загубија животот. Покачената телесна температура ми беше првиот знак дека треба да го направам тестот кој излезе позитивен, по што веднаш се самоизолирав од семејството, а заради лесните симптоми се лекував во домашни услови.
Дали ќе се вакцинирате против ковид 19?

Секако дека ќе се вакцинирам, најмногу со цел да дадам пример за другите. Вакцинирањето го сметам за чин на лична одговорност кон колективното здравје и затоа сметам дека сите треба да го направиме истото од причина што на тој начин ќе спасиме многу животи.
Како се слави Нова година и Божиќ во вашето семејство вообичаено, а како ќе биде годинава?
Нова година често ја славиме во друштво со блиски пријатели. Последните 2 години тоа го правиме заедно со нашите сограѓани на градскиот плоштад со прекрасните новогодишни концерти на Парни Ваљак и Дино Мерлин. Божик традиционално го славевме во кругот на семејството. За жал годинава пандемијата ни ја скрати можноста за некој убав новогодишен концерт на плоштадот, но од друга страна пак тоа создаде повеќе време за дружење со семејството и уживање во топлината на домот.
Има ли семејството Шилегови домашен миленик и колку време вам ви останува за него?
Од оваа година Тоби Шилегов е дел од моето семејство. Тоби е бишон кој стана дел од нас на големо инсистирање на мојата ќерка, а сега е рамноправен член на семејството и одлично друштво за прошетка низ моето маало.
Како ви поминува еден работен ден има ли разлика од пред и после пандемијата?

Во однос на динамиката на настани и збиената агенда речи си и да нема разлика. Градот мора да функционира и во време на пандемија, така што обврските на еден градоначалник не трпат одлагања од било какви причини. Главните разлики се состојат во отсуството на масовните настани, состаноци и свечености кои сега се одвиваат или на отворено во помали групи со максимално почитување на протоколите или онлајн преку користење на интернет технологијата. Среќа што живееме во време на глобализација кога техниката е отидена доволно напред на тој начин што физичката оддалеченост веќе не е никаква пречка за одвивање на нормална комуникација меѓу луѓето.
Што треба да очекуваат скопјани следната година од таткото на градот? Капитални проекти кои ви се на листа за следната година?
На пролет не очекува нова градежна офанзива, ќе бидат реконструирани повеќе сообраќајници ќе бидат изградени и нови, мостот на бул. АСНОМ ќе биде завршен, а ќе почнеме со изградбата на мостот на Љубљанска. Почнуваме два големи проекти БРТ Трамвајот без шини и Скопје Smart City, а ако се биде во ред можеме да почнеме и со изградбата на целосно нов забавен парк и ботаничка градина.
Ќе се кандидирате ли и следен мандат?

Да се управува со град каков што е Скопје претставува огромна чест, но пред се и над се претставува голема одговорност кон граѓаните заради кои постоиме. Промените кои се случуваа во Скопје се видливи. Освен кај инфраструктурата имаме и малку поинаков третман на комуналниот отпад, поинаков третман на јавните површини, темелен пристап кон комплексните предизвици. Четириесет години се зборувало за трамвај, а ние сме во завршна фаза на имплементација на БРТ трамвајот без шини. Законот за задолжување е во Собранието и по основ на тој закон ние некаде во април би можеле да создадеме услови да се распише тендер за негова имплементација и до крајот на 2023 би можел да биде во употреба. Мислам дека сето тоа ми дава за право да побарам од СДСМ да ја поддржи мојата кандидатура за наредните локални избори за повторен избор за градоначалник на Скопје. Јас сум човек што ги почитува постапките и процедурите и имајќи предвид дека сум политички претставник на политички партија ќе барам легитимитет да добијам од мојата партија. Очекувам дека тоа наскоро ќе се случи, а граѓаните на локалните избори ќе го верификуваат постигнатото во овој мандат.
Што прво ќе направите откако ќе ја победиме пандемијата?
Како градоначалник ќе се обидам да ги ублажам економските последици кои одат заедно со пандемијата, а не завршуваат истовремено. Град Скопје како главен град и како најголема единица на локалната самоуправа преку вложувањето во капиталните инвестиции е голем чинител не само во локалната економија туку и во националната. Враќањето на животот во нормала не е нешто што ќе се случи преку ноќ со завршувањето на пандемијата. Тоа е тежок и макотрпен процес кој мораме да го изменаџираме на начин што нема да остави потешки последици врз секојдневниот живот на нашите сограѓани.

Препорака за граѓаните за празниците?
Чувајте се, чувајте го вашето здравје и здравјето на вашите најблиски. Останете дома за време на празниците за доброто на сите и верувајте дека и тоа има своја убавина. Има време за големи прослави, концерти и дружења. Да издржиме уште малку за да можеме веќе следната година да славиме заедно каде и да сакаме, со кого и да посакаме.
Валентина Ангеловска
