Полицијата ги сомничи четири лица од Струмица дека во ноќта меѓу 28 и 29 ноември од паркиран камион „Мерцедес“ со тетовски регистарски таблички, сопственост на К.С. од селото Горна Речица, украле 160 вреќи компири, соопштија од СВР Струмица.
Според соопштението, полициските службеници ги лишиле од слобода Ј.А. (40), М.А. (34) и Р.Д. (31), сите од Струмица. Во службените простории бил повикан и И.А. (38), кој исто така се сомничи дека заедно со другите тројца учествувал во кражбата.
Сите лица биле службено сослушани и го признале делото. Од Ј.А. и М.А. биле одземени сите 160 украдени вреќи компири, кои веднаш им биле вратени на сопствениците.
За настанот е известен јавен обвинител од ОЈО Струмица, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.
