Поранешниот гренд слем шампион ја прекинал врската со својата ќерка откако таа почнала да објавува фотографии и содржини за возрасни.

Романската тениска легенда и некогашен светски број еден, Илие Настасе (79), се откажал од ќерката Шарлот, која денес живее како бездомничка.

Според негови изјави, не сака повеќе да се меша во нејзините проблеми.

Настасе беше најдобар тенисер во светот во текот на 1970-тите години. Освои титули на Ролан Гарос и УС Опен, а двапати играше финале на Вимблдон. По кариерата стекна големо богатство и вложувал во образованието и издршката на своите четири деца. Сепак, со 35-годишната Шарлот веќе нема никаков контакт.

Според романските медиуми, таа моментално живее на улица во САД и преку социјалните мрежи бара помош за храна и засолниште. Контактот бил прекинат во 2021 година, откако почнала да објавува содржини за возрасни на платформата OnlyFans.

Настасе изјавил дека ѝ посакува добро здравје, но дека повеќе не сака да има врска со неа. Додал дека вложил значителни средства во нејзиното школување.

„Ѝ посакувам добро здравје, но ја молам да престане со скандалите. Таа си го избра својот пат. Јас ѝ помогнав кога ѝ требаше, платив школување речиси половина милион евра. Таа е во САД, јас сум во Романија — повеќе не ме интересира. Секој си има свој живот“, изјавил Настасе во претходно обраќање.

Тој беше прв на АТП листата во 1973 и 1974 година, а во Меѓународната тениска куќа на славните е примен во 1991 година. Покрај големите успеси, низ годините беше познат и по контроверзни изјави и однесувања на јавни настани.