Македонската православна црква на 21 септември го обележува раѓањето на пресвета Богородица, празник што се вика и Мала Богородица. Овој ден се вбројува во 36-те големи празници во црковниот календар обележан со црвени букви.




Пресвета Дева Богородица е родена од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви, за самата да биде родителка на Месијата. Православните христијани не веруваат во Римокатоличкото учење дека Марија е девствено зачната, а со тоа и зачувана прародителскиот грев.




Црковното предание не учи дека Марија, како и сите други луѓе, го наследила прародителскиот грев, бивајќи зачната по природен, човечки пат, и токму затоа и било потребно спасението, како и на целиот човечки род, иако бива истовремено и пренепорочна.




Празникот Рождество Богородично го прославува раѓањето на Марија, неа Самата како Божја Мајка, но и Нејзините благочестиви родители. Тоа е првиот голем празник во новата литургиска година, означувајќи го почетокот на циклусот на човековото спасение.




Рождество на Пресвета Богородица е еден од големите празници на Светата православна црква. Иако овој празник се смета за почеток на сите празници, сепак, тој почнал да се празнува многу подоцна. Дури откако ослабнало паганството, христијаните, покрај на Исус Христос, можеле да ѝ оддадат заслужено признание и на неговата мајка.




Народот верува дека Пресвета Богородица е заштитничка на мајките воопшто и на леунките посебно, поради што жените што раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да се породат. Исто така, се верува дека таа им помага и на жените што немаат деца. Затоа ваквите жени оделе во црквите посветени на Богородица и се молеле пред нејзините икони.




Македонскиот народ, како впрочем и сите христијани, со многу внимание ги празнува повеќето празници на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос. Така е и во народните умотворби, како во поетските така и во прозните, така и во народните верувања и во народните обичаи.




Затоа поголем број цркви низ цела Македонија го носат нејзиното име, а нејзините празници покрај со црковни свечености народот ги празнува и со народни собири, панаѓури и сл. што во минатото траеле и по неколку денови. Така, македонскиот народ, со повеќе или помалку свечености, но секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, (празник познат уште и под името Света Пречиста), Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.




Народот верува дека Богородица е мајка на сите мајки, дека е заштитничка на жените особено на леунките поради што кога жените раѓаат ја повикуваат да им помогне полесно да поминат. Народот верувал дека Богородица им помагала при породувањето не само на жените христијанки туку и на жените од другите вери. Така на пр. во Разлошко како што запишал М. Цепенков кога некоја жена Турчинка се мачела при породувањето вака ја викале Богородица по турски: „Ела, Муарем-ано, ела, да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не може да роди.




Поможи е, Муарем-ана, у нас (Муарем-ана ја викаат Богоројца турцки) за побрго да родит.” Откако, пак, жената ќе родела и ќе се ослободела, бабата ќе земела метла во рацете и ќе почнела да мети низ куќата најповеќе околу леунката и ќе велела: „Бегај, Муарем-ано, бегај, оти овде турцка е куќата”. Така, вели Цепенков, верувале дека со тоа велење ќе дојдела Богородица ќе поможела и пак ќе си одела.




Според народните верувања овој празник се празнува со живописни обичаи кои имаат симболика на раѓање и секако владее празнично расположение. 21 септември е денот кога се празнува раѓањето на Марија, но непознато е од кога точно се одбележува овој ден.




Ако тој ден биде сончев и нема облачно време, се верува дека ќе има блага зима и нема да има студени денови. Помеѓу народот се верува дека како на Мала Богородица, така и на Голема Богородица постојат работи што не треба да се прават.




На овој ден жените не би требало да ги извршуваат домашните обврски, да чистат, да перат, односно да избегнуваат обврски кои се работат со раце. Исто така, се верува дека доколку имате некои нови работи што треба да се започнат на овој ден, одложете ги за следен пат.
Исто така
