Лери Кели важел за еден од најзагрозените пациенти во болницата Синај во Њујорк.

Ден откако бил примен бил ставен на респиратор бидејќи коронавирусот ги уништил неговите бели дробови. По 128 дена во болница и 51 на респиратор, “неверојатниот Лери” конечно оди дома.

Лери имал напади, а кога неговата состојба се влошила неговата сопруга морала да ги спречи лекарите да го исклучат од апаратите.

По 128 дена минати во болница, Лери конечно бил пуштен дома и може повторно да го прегрне своето семејство.

Неговиот брат му го дал прекарот “неверојатниот Лери”.

Кога Кели, инаку наставник во пензија, бил тестиран позитивно на коронавирусот во март, рекол дека се чувствувал како да е настинат. По приемот во болница, неговата состојба се влошила.

“Додека бев во кома, имав пневмонија на двете белодробни крила. Бев вознемирен па му дадоа фентанил да ме смират. Станав зависен од фентанил па мораа да ме одвикнат со метадон. Имав крварење во мозокот, за кое ми рекоа дека го прекрило целиот мој мозок”, рекол тој.

Докторите ја повикале неговата сопруга, ќерката и синот, велејќи дека се согласуваат дека треба да го исклучат од апаратите за одржување во живот и да се збогуваат со него.

“Беше прикачен долго време на апаратите, изгледаше лошо”, рекла неговата ќерка.

Кога докторите продолжиле да инсистираат да го исклучат од апаратите, неговата сопруга се сетила на последните пораки кои и ги пратил пред да го стават на респиратор.

“Ветувам дека никогаш нема да престанам да се борам”, и напишал тој на сопругата.

Таа им рекла дека нејзиниот сопруг сака да живее.

Со поддршка на семејството и работата на медицинскиот персонал, Кели конечно ги отворил очите на Велигден.

“Имав среќа. На Велигден во Њујорк починаа 527 луѓе, сите умираа околу мене, а јас не. Дали е тоа чудо. Не знам, но оваа болест не напаѓа само поединци, туку и нивните семејства”, рекол Кели.

Тој додал дека на никого не му го посакува ова, советувајќи ги сите да носат маски.

Како што рекол, посебно се радува на првиот оброк дома со своето семејство.