Многумина веруваат дека вработувањето на крузер значи авантура и животна привилегија. Но зад луксузот што го гледаат патниците, се крие сосема поинаква слика.

„Работа од соништата“ – само за другите

Хелена, 29-годишна Колумбијка која работи во бродска продавница, вели:
„За моите родители ова е работа од соништата. Патувам низ светот, бев во 16 земји, живеам на луксузен брод. Но тие не можат да замислат што навистина значи тоа.“

Условите за екипажот се далеку од идилични: договорите траат меѓу пет и девет месеци, без слободни денови и платен одмор. По завршување на ангажманот следуваат околу два месеца неплатено отсуство пред нова пловидба. Работниот ден трае 10–12 часа, седум дена во неделата.

Колку се заработува?

Платата изнесува меѓу 900 и 1.100 долари месечно (околу 750–950 евра), зависно од позицијата. За многумина тоа е повеќе од она што би го заработиле во татковината, бидејќи сместувањето и храната се обезбедени.

Живот во подрумот на луксузот

Сместувањето за персоналот се наоѓа во долните палуби – тесни кабини без прозорци, најчесто делени со колеги. Приватност речиси и да нема, а слободното време се минува во заедничките простории: менза, мала теретана, простории за молење или рекреација. Пристапот кон деловите за патници е строго ограничен.

Најтешко за повеќето е оддалеченоста од семејството. Иако денес е можно да се јавуваат преку видео-повици, долгите работни часови и слабата интернет врска тоа често го отежнуваат. Многумина ги гледаат своите деца како растат само преку екран.

Дисциплина и притисоци

На бродот владее строга хиерархија. Секој мора да ја носи униформата, да ги следи пропишаните правила и распоред. Најмала грешка или жалба може да значи дека нема да ви биде продолжен договорот.

Нема синдикат, нема заштита

На крузерите не постои синдикално здружување, а социјалната заштита е минимална – основна здравствена грижа и малку одмор, согласно Поморската конвенција за работа. Нема право на породилно отсуство, нема гаранција за надоместок при несреќа, ниту право на штрајк. Работниците често се плашат да пријават проблеми, за да не останат без работа во иднина.

Зошто луѓето сепак прифаќаат?

И покрај сите тешкотии, многумина ја прифаќаат оваа работа за да заштедат пари – за купување куќа, школување на деца или започнување бизнис. Некои успеваат со години да напредуваат и да стигнат до подобри позиции со повисоки плати и полесен распоред. Но тоа им успева само на мал дел од екипажот.