Летувањето во Грција не мора секогаш да значи само плажи. Иако е вистински предизвик да се одделите од топлото море и да се упатите кон планина, не можевме да ја пропуштиме можноста да го посетиме Олимп — планината на боговите.

Олимп не е само највисоката планина во Грција, туку според старите преданија, тоа е домот на 12-те олимписки богови.

Повик што не се одбива

Идејата да го посетиме Олимп ја имавме со години, но оваа година како самиот Хермес – гласникот на боговите – да нè повика. Бевме сместени во вила чиј сопственик е поранешен маратонец кој ни раскажуваше како трчал маратон по Олимп.

„Ако тој можел да трча таму, можеме и ние да прошетаме“, се согласија маж ми и јас, иако децата негодуваа, несвесни што ги чека.

Едно утро околу 8 часот (што е рано за одмор), се качивме во кола и тргнавме кон Олимп. Бевме сместени во Лептокарија, директно под Олимп, па патот нè однесе кон градот Литохоро. Од таму продолживме кон ресторанот Приони, на надморска височина од околу 1.076 метри. Додека долу имаше 28°C, таму горе беше пријатни 25°C.

Таму завршува патот – голем паркинг пред ресторанот, од каде почнуваат планинарските патеки кон врвовите Митикас, Скала, Сколио. Не бевме опремени за врвот, па решивме само малку да се прошетаме по обележаните патеки.

Чисти водопади, волшебна шума

По околу 2 км пешачење, стигнавме до водопад со кристално чиста вода, ладна 8°C. Тука доручкувавме, се изумивме, пиевме директно од извор и уживавме во природата.

На патот назад, се спуштивме кон стар манастир. Патеките беа одлично обележани, со дрвени скали и мостови. Среќававме семејства, најчесто Грци, кои весело нè поздравуваа со „Јасу“.

Сè беше полни со живот – сини пеперутки, стара шума, чист воздух… Децата беа убедени дека сме во волшебна шума. Афродита беше насекаде – во природата, во насмевките на луѓето.

Дури и бебиња шетаат по Олимп

Низ шумата сретнавме пар со три мали деца – едното во носилка, другите ги држеа за раце и внимателно ги спуштаа преку камењата. Англичани, весели и љубезни. Седнаа покрај нас, извадија храна, дадоа млеко на бебето. Се почувствувавме помалку „непријатно“, бидејќи ние гордо ги доведовме нашите деца од 7 и 10 години, а тие шетаа Олимп со бебиња!

Манастир во срцето на шумата

Пред самиот крај на патот, низ густата шума, наидовме на манастирот Свети Дионисиј – вистинска скриена ризница. Се наоѓа на околу 850–900 метри надморска височина, во кањонот Енипеас. Основан е во 1542 година од светиот Дионисиј Олимпски, кој прво живеел како отшелник во пештерата Агио Спилео.

Манастирот има камени ѕидини, цвеќен двор и дрвени балкони. Еден монах излезе само еднаш – да и се развика на туристка која влезе во костим за капење!

Посебно впечатлива беше иконата на Црната Богородица – мистериозна и ретка верзија на иконата со темна боја на кожата на Марија и Исус.

Зошто баш Олимп?

Олимп отсекогаш се сметал за недостижно, магично место. Во легендите, луѓето не можеле да се качат горе – таму живееле боговите во кристални палати, далеку од човечките очи. Но денес, ако се искачите блиску до врвот Митикас (2.918 м), планинари велат дека таму владее тишина и енергија што се чувствува – како присуство на нешто повисоко.

Ние не стигнавме до врвот, но доволно е она што го видовме. Боговите, ако постојат – сигурно се таму.

Си ветивме – следната година се враќаме, но овојпат со планинарска опрема. Врвот нека чека – ние ќе го освоиме.