Почитувани ви пренсуваме ФБ Статус од Професорката Билјана Ванковска.

Сега прочитав за момчето што се самоубило. Нека му е лесна земјата, а споменот вечен. Верувам за најблиските и болката ќе биде вечна …Им посакувам сила и длабоко жалам.

За сите нас, како општество, ова треба да биде САМО повод за отворање безброј прашања. Некои од нив многу деликатни и болни и за наставниците, и за средината, и за тоа во какви услови живеат нашите деца, како може да се спречат идни случаи, да зборуваме за менталното здравје, депресијата, сите форми на насилство (суптилно и помалку суптилно) на кои се изложени децата.

Но, на социјалните мрежи и по порталите веќе се донесе пресуда, се најдоа виновниците, се открија мотивите, итн. Не само што е тоа непримерно, туку за мене и неетички.

Кому да му верувам дека ја знае сета длабока позадина што го довела детето до тоа да си го одземе животот? На некој ФБ лик? На портал? Лично, не знам ама баш ништо за случајот. Ако во него има елементи релевантни за јавноста, треба да се кажат. Но, чинам дека треба да се размисли и за приватноста и интимата на семејството. Неговата болка не смее да се зголемува или злоупотребува.

Моето речиси 40-годишно педагошко искуство и родителскиот инстинкт ме научиле во студентите да гледам личности, а не фасади. Понекогаш ќе забележам траума, некогаш не. Признавам. Некогаш сум му помогнала некому кога му било тешко , веројатно во многу случаи не сум ни била свесна низ што минува некое момче или девојче. Некогаш не сум ни знаела како да постапам. Затоа што сложена е човечката душа, а не секој од нас знае да се справи со тешки ситуации.
За ова момче е предоцна. Знам случаи во кои е речиси невозможно да се објасни како и зошто дошло до фатален исход: навидум се е во ред, а се случува трагедија.

Не, навистина не сум склона во ваков миг да наоѓам виновници онака од око. Некои велат до оценките било. Па зарем тие не биле познати во јуни месец? Што е тука тригер а што длабока причина ќе треба да покаже истрагата. Но она што е потресна вистина е дека и учениците и сопствените деца, ама и луѓето околу нас, вистински да ги гледаме бидејќи не ги познаваме. Или вртиме глава пред незгодни ситуации. Ви се случило ли блиска личност да ви каже дека во момент на криза помислила да го стори ова што го сторило момчето? Мене да! Повеќе од еднаш!

Премногу е болно и премногу сложено за ФБ да го претвориме во судница, во која ќе се бара политичка, институционална, педагошка, инспекциска или не знам каква вина. Не на ФБ! Не без факти. Не во гнев.
Тоа е моето мислење.