Во мрак и студ поминува зимата во домот на семејството Јовановиќ од Велес. Секоја вечер 63-годишниот Бранко го покрива својот осумгодишен внук, во надеж дека утре нешто ќе се смени.




Дека струјата ќе му помогне на телевезорот да донесе ведрина во трошната куќарка. Дека наместо надвор, тој и внукот ќе се капат на вода стоплена во бојлер, дека наместо да го сече креденецот, дрва за огрев ќе става во ќумбето среде соба. Сиромаштија го навјасало ова семејство, па сега нема ниту мирен сон.




Бранко е бегалец од Косово. Кога пред 23 години таму избувна војна, семејството се сели во Велес, кај родителите на сопругата. Со своите тројца синови и ќерка живеат скромно, ама сложно. Но, пред пет години почнуваат неволјите. Бранко мора порано во пензија, оти болест здравјето му го зема. Во меѓувреме, починува и сопругата, па тој со своите 10.000 денари пензија, оптеретени со долгови за кредити за лекување на сопругата, мора да го прехрани семејството.




Во куќата нема струја. ЕВН му ја исклучила поради долг од 20 илјади денари. Згора на се, преку извршител му зема пари и за стари долгови. Бранко не добива ниту денар пензија. Неговите деца не можат да најдат пристојна работа.




Бранко сонува за социјален стан. Така ќе му остане една третина од пензијата, за да купи храна за внукот.




Неговиот внук е второодделенец. Иако многу мал, се чини дека е свесен за голготата низ која поминува тој и дедо му. Со солзи во очите го молеше снимателот да не го снима во лице. Му е срам од другарчињата.




Но, срамот треба да се бара на друго место, вели Бранко. Иако никому не е лут за неговата состојба, смета дека државата треба повеќе да се грижи за семејствата со ниски приходи. Благодарен им е на хуманите луѓе и соседите, единствените кои го одржуваат во живот Бранко и неговиот осумгодишен внук.
