Од следната недела, Виена ќе им дели бесплатни домашни тестови на стотици илјади жители за да утврди дали се заразени со коронавирусот, објави во петокот градската влада.

Околу 1,2 милион тестови неделно ќе им бидат достапни на жителите на Виена, град со 1,9 милиони жители, а во главниот град на Австрија дневно ќе се анализираат околу 200.000 примероци.

Тестовите може да се земат во околу 150 градски аптеки. Граѓаните ќе можат да ги достават на анализа, а истото ќе можат да го сторат и во стотици градски супермаркети.

Целта на овој проект е „да се воспостави еден вид заштита на населението“ сѐ додека не се гарантира доволно количество вакцини.

Градот, исто така, ги дели домашните тестови со цел, по велигденските празници, да им обезбеди на своите жители пристап до продавниците за кои ќе биде потребен негативен резултат од тестот.

Во Виена и во другите источни региони на Австрија, градските власти воведоа карантин од четврток до најмалку вторник по Велигден за да се спречи пренатрупаноста на единиците за интензивна нега со пациенти со ковид-19.

Седумдневната инциденца на 100.000 жители на Виена во петокот беше 311, што е значително поголема од австрискиот просек од 250.

Антигенските тестови што ќе се прават во специјални центри и аптеки ќе продолжат да бидат бесплатни како и досега.