Какви глупости! Каков криминал!
Ни во најкорумпираните африкански држави народот не го лажат со вакви објаснувања кои ја потценуваат интелегенцијата на цела една нација.
Приказната дека државата не може сама да гради централи, затоа што парите се потрошени во време на енергетската криза се приказни кои можат да поминат само во детска градинка.
Ниту една држава, а најчесто и приватен инвеститор не гради централи со пари од буџет или сопствени средства, туку со кредити од банки и фондови.
Државата или државното претпријатие за струја може да земат поевтин кредит од странскиот инвеститор издавајќи зелени обврзници.
Никакви пари не требаат сега да имаат во буџетот или да се заштедени. Дури и просторот за задолжување може да не се зафати ако задолжувањето оди преку државното претпријатие наместо преку Министерството за финасии, а најголем дел од враќањето на кредитот ќе биде од приходите од инвестицијата и фејноста ан државното претпријатие, за што неодамна на 9. јануар 2024 година објавив поопширно.
Уште на сето тоа и како што може подолу да прочитате, гарантирале откуп на струјата по цена повисока од пазарната и купување на истата без тендер и потпишале во следните 10 години да не плаќаат данок на добивка и било какви други давачки, даноци, такси, трошоци за приклучоци и било што. И тоа не е сѐ.
Не само овие привилегии, туку и им даваат милиони евра грантови од буџетот, грубо околу 30% од инвестицијата. Само за една грчка фирма е објавено дека од парите собрани од народот ќе и помогнале со неповратен грант од 50 милиони евра. Нема ни објаснување за загубите за пренос на топлината на толку голема дистанца, од Неготино до Скопје.
Браво момци!!!
Со овие привилегии најмалку 2-3 милијарди евра или повеќе, кои треба да влезат во буџетот, ќе завршат во приватните фирми во наредните 10 години.
На една од фирмите и е даден просторот кој ние го подготвувавме за нов најпрвин карго, а во втора фаза главен аеродром во државата во регионот на Св. Николе-Штип, кој ќе беше од општа полза на целиот народ. За таа цел државата раскина концесии на многумина земјоделци и им плати за тоа, а исто така и дел од земјиштето кое беше приватно државата го откупи, бидејќи планот беше да се гради аеродромот таму, со кој ќе се избегнат сите одкажувањата на летови заради магла.
Вакви мега криминални проекти на штета на државата и граѓаните, дел од нив и со фирми кои немаат искуство во тој бизнис, но сигурно имаат искуство со корумпирани власти, познавајќи ги актуелните прилики во Македонија, тешко дека поминале без стотици милиони евра мито и корупција или скриено сопствеништво на некои поединци со голема моќ.
Ова може да помине само во банана држави. Не станува збор ниту за отворање голем број работни места или некакви високи технологии, зголемување на извозот или слично, како што ние финасиски поддржувавме градба на фабрики кои вработија многу, стотици или илјадници невработени луѓе, донесоа нови технологии и кои го триплира извозот, туку за криминален скандал од неколку стотици милиони евра поткуп, кој наскоро треба да го изгласа парламентот, што прилично извесно е дека ќе се случи.
Не знам кои се “среќните добитници” во делот на инвеститорите, во смисла на имиња на лицата кои стојат зад овие фирми, и кои се скриените сопственици од Македонија на дел од овие фирми или приматели на поткуп, кои ги истуркале овие привилегии како никаде, но завршиле за нив голема работа, а за народот голема загуба.
