На петнаесетти април, Православна црква и нејзините верници го одбележуваат денот посветен на Свети Тит Чудотворец.
Светиот и блажен отец Тит уште од млади години го возљубил Христа и го оттурнал суетниот свет. Поради тоа го напуштил световниот живот, заминал во манастир и го примил монашкиот чин. Не штедејќи се себеси, заради Бога го поминал тежок и подвижнички монашки живот.
Толку се посветил на смирението и послушноста, што со овие доблести ги надминал не само своите собрати, туку и многу други луѓе. Подоцна станал игумен и духовен пастир на верниците. Кон сите покажувал љубов, кротост и милосрдие, па никој во тоа време не му бил рамен.
Од младоста ја сочувал чистотата на душата и телото, па изгледал како ангел Господов. Поради тоа добил од Бога дар на чудотворство. Во времето на иконоборството се покажал како цврст и непоколеблив столб на Христовата црква.
Кога се упокоил во 9 век, зад себе оставил многу ученици и следбеници, како жив пример на добродетелен и подвижнички живот.
Тропар (глас 8):
Во тебе, оче, сигурно се спаси боголикоста, зашто, примајќи го Крстот, го следеше Христа. Со делата ги поучуваше да се презира телото, грижејќи се повеќе за душата и за бесмртното, затоа и со ангелите, Свети Тите, се радува духот твој.
