Околу 40 ученици од Основното училиште „Димо Хаџи Димов“ во скопската населба Влае се пожалиле на стомачни болки, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).
Микробиологот Никола Пановски за Мета.мк изјави дека најверојатната причина за труењето е месото во мусаката. „Не верувам дека труењето настанало поради млекото. Дури и едно расипано тетрапак млеко би предизвикало труење кај 5-6 деца, но не кај 40. Ако причинител е храна, најверојатно се работи за ендотоксин кој може да остане во месото, иако термички обработено. Ако беше труење со салмонела, симптомите ќе се појавеа за 2-3 дена, а не веднаш, како што се случило“, рече Пановски.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) нареди затворање на кујната во училиштето како потенцијален извор на зараза, како и вонредно чистење и здравствени прегледи на вработените.
Од Институтот за јавно здравје најавија дека првичните информации за причината на стомачните проблеми ќе бидат познати утре.
Директорот на ДСЗИ, Кирил Лазов, потврди дека кујната е затворена, издадено е решение за забрана за работа, и наредени се мерки како вонредно чистење, дезинфекција, дезинсекција и дератизација од овластена институција, како и спроведување на здравствено-хигиенски мерки за вработените.
