Утрово обилни врнежи од снег го зафатија поголем дел од Македонија, поради што се воведени сообраќајни ограничувања на неколку патни правци.
Поради снежните врнежи, во 05:15 часот е воведена забрана за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Струга – граничен премин „Ќафасан“.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се регистрирани во Куманово, Страцин, Крушево и Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но засега не претставуваат поголема пречка за сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 10:00 часот денеска, на граничниот премин Ники (Меџитлија) ќе биде воведена забрана за движење на товарни возила, која ќе трае во наредните 48 часа, односно до 10 јануари во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички возила ќе се одвива непречено.
ЈП „Македонијапат“ информираше дека ноќеска, во 01:00 часот, на магистралниот патен правец А3 Битола – Ресен, на самиот влез во градот Ресен, поради обилни врнежи од дожд и можно излевање на Голема Река, на возачите им се препорачува крајно внимателно управување и прилагодување на брзината според условите на патот.
Слична препорака важи и за патниот правец Р1307 Царев Двор – Стење, каде поради обилни дождови постои опасност од излевање на локалните реки.
Во сила останува законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата.
АМСМ апелира до возачите да се движат со прилагодена брзина, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде постои опасност од одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
