Пронајдени досега непознати документи од последните месеци на животот на Тито.

Во подземениот трезор на Универзитетскиот клинички центар Љубљана, во кој на 4ти мај 1980 година умрел Јосип Брзо Тито, откриени се непознати документи.

Како што се наведува, документаијата фрла ново светло на последните месеци од животот на Тито и неговиот персонал во најдобрата медицинска установа во поранешната држава.

Документацијата била откриена во простории до кои водат подземни ходници, а кои последен пат се користеле како засолниште во време на воздушна опасност за време на краткотрајната словенска јунска војна со ЈНА 1991 година, иако се мислело дека целата документација поврзана со лечењето на Тито во Љубљана, завршила во Белград.

Поголемиот дел од документите открива што се е платено во време на престојот на Тито и неговиот персонал во болницата во Љубљана, и како изгледале последните денови од неговиот живот.

Имено, во месец дена изедени биле 100 килограми свинско месо, 31 килограм бебешко говедско, 18 килограми врат, повеќе од 15 килограми пршута и 90 килограми конзервирана шунка.

Во истиот едномесечен период, платени се и 91 шише виски, 20 шишиња рум, 11 шишиња водка и 100 литри вино, а според една сметка нарачни се и 700 парчиња торта, 200 ролати и 200 крофни.
Освен сметката која покажува на тоа како се живеело во друштво на Тито, пронајден е и допис на кој Институтот за патологија пресметал дека обдукцијата на долгогодишниот претседател на Југославија, ќе чини 33.437 динари.

Титовото лечење во Љубљана го платила тогашната Социјалистичка Република Словенија, и тоа во износ од два милиони и сто илјади динари. Тој бил лечен од седум доктори, од кои тројца од Словенија, како и по еден лекар од САД и Русија.

Тито во оваа установа ги поминал последните четири месеци од својот живот. Иако е познато дека не ги слушал докторите и не сакал да се откаже од омилената храна и пијалоци, Тито последните 68 дена бил во вештачка кома, приклучен на респиратор, така што во тој период не можел да конзумира храна и пијалоци кои, според пронајдените сметки, се платени во време на неговиот престој во Љубљана.

Очигледно е дека таа храна и пијалоци биле порачувани за неговиот персонал, а не самиот Тито.