Откријте го генијалниот корејски изум стар речиси 3.000 години, благодарение на кој домовите се загреваат без класични радијатори.

Замислете среде најстудената зима да влезете во домот, да ги соблечете чевлите и да почувствувате пријатна топлина што доаѓа директно од подот. Нема радијатори што зафаќаат простор, нема студени плочки ниту потреба да се собирате околу греалка. Токму така изгледа секојдневието во многу корејски домови, благодарение на генијалниот систем за греење создаден пред речиси 3.000 години.

Додека во голем дел од светот подното греење и денес се смета за современо и луксузно решение, Корејците го усовршиле неговиот принцип уште во далечното минато. Нивниот традиционален систем, познат како ондол (ondol), не е само начин за загревање на домот, туку и еден од најинтересните изуми што ја обликувале корејската култура, архитектура и секојдневни навики.

Зошто во корејските домови речиси и да нема радијатори?

Кога некого ќе го прашате како изгледа животот во Кореја, еден од првите одговори често се однесува токму на топлите подови.

За разлика од Соединетите Американски Држави и другите делови од западниот свет, каде што радијаторите биле вообичаени во текот на целиот 20 век и на многу места се користат и денес, корејските домови главно не се оптоварени со вакви грејни тела.

Во минатото, најпосакуваното место во просторијата било она веднаш над најтоплиот дел од подот, најблиску до ложиштето, познато како агунги (agungi), кое се наоѓало надвор од просторијата, под подот.

Тоа место имало посебно значење бидејќи обезбедувало најмногу топлина, особено во текот на студените зими.

Денес повеќето корејски домови повеќе немаат таква изразено топла точка, бидејќи современиот систем ондол овозможува рамномерна распределба на топлината благодарение на топлата вода што циркулира низ цевките поставени под подот.

Генијален изум стар речиси 3.000 години

Иако и други древни цивилизации познавале одредени форми на подно греење, ниту еден од нив не бил целосно сличен на практичниот и енергетски ефикасен систем развиен во Кореја.

Археолозите пронашле докази за постоењето на ондол уште од бронзеното време, приближно од 900 година пред нашата ера.

Системот станал широко распространет во периодот на Трите кралства, кој траел од 57 година пред нашата ера до 668 година од нашата ера. Истражувачите откриле остатоци од вакви системи за греење на различни места низ Корејскиот Полуостров.

Интересно е што низ вековите основните принципи на функционирање и начинот на изградба на ондол речиси и не се менувале.

Наместо огнот да се користи како директен извор на топлина во внатрешноста на домот, Корејците осмислиле систем од канали под подот, кои биле директно поврзани со огнот на кој се готвело во кујната.

На тој начин ложиштето останувало надвор од просторот за живеење, додека врелиот чад и гасовите минувале низ каналите под подот, го загревале, а потоа излегувале низ оџак на спротивната страна од куќата.

Во поголемите куќи биле поставувани повеќе ложишта, односно агунги, на внимателно избрани места за што подобра распределба на топлината.

Зошто Корејците задолжително ги соблекуваат чевлите пред да влезат во домот?

Една од првите и можеби најважни навики што странците треба да ги научат при посетата на Кореја е соблекувањето на чевлите на влезот во домот.

Иако многумина овој обичај го поврзуваат исклучиво со хигиената, неговото потекло е длабоко поврзано токму со традиционалниот начин на греење и живеење.

Имено, Корејците илјадници години го користеле подот како главна површина за секојдневните активности. На него седеле, јаделе и спиеле.

Во западните земји никому не би му паднало на ум со чевли да стои на кауч или на кревет, бидејќи тоа се површини наменети за одмор и престој.

Во традиционалните корејски домови истата улога ја имал подот. Затоа соблекувањето на обувките било сосема природно правило.

Иако денес современиот мебел е вообичаен во корејските домови, а секојдневниот живот многу поретко се одвива непосредно на подот, обичајот за соблекување на чевлите опстанал до денес.

По војната почнале да користат друго гориво, но се појавила голема опасност

Со векови корејските куќи се загревале со оган на дрва.

Меѓутоа, по Корејската војна, која траела од 1950 до 1953 година, дрвото станало тешко достапно, па населението морало да најде алтернатива.

Решението го пронашле во јаглен со послаб квалитет, кој се пресувал во цилиндрични брикети познати како јонтaн (yeontan).

Тие претставувале релативно евтин извор на енергија, погоден и за греење и за готвење, како во помалите домаќинства така и за поширока употреба.

Сепак, преминот кон новото гориво барал одредени промени во традиционалниот систем. Ложиштата и каналите за чад често морале да се приспособат на поинаквите карактеристики на јагленот. За жал, оваа промена донела и сериозни последици.

Јагленот согорувал на пониска температура од дрвото, а нецелосното согорување и проблемите со одведувањето на гасовите доведувале до ослободување отровни, понекогаш и смртоносни гасови.

Особено опасен бил јаглерод моноксидот – гас без боја и мирис, кој може да предизвика тешко труење, па дури и смрт.

Во текот на зимските месеци, корејските весници редовно објавувале потресни приказни за луѓе кои ги загубиле животите поради труење со јаглерод моноксид.

Како Корејците го претвориле древниот систем во современо подно греење?

Со индустрискиот развој и модернизацијата на земјата, традиционалните системи ондол, кои користеле дрва и јаглен, постепено биле заменети со посовремени и побезбедни решенија.

Наместо врелиот чад да минува низ каналите под подот, денес се користат цевки низ кои циркулира топла вода.

Водата се загрева со помош на електрична енергија или гасни котли, а потоа рамномерно ја пренесува топлината на површината на подот.

На тој начин е задржан основниот принцип стар речиси три милениуми, но е приспособен на современите услови за живот.

Ваквите системи денес се користат во новоградбите низ Јужна Кореја.

Жителите така можат да уживаат во пријатно загреани простории без класични радијатори, додека топлината доаѓа одоздола и рамномерно се распределува низ просторот.

Корејскиот изум инспирирал и еден од најпознатите архитекти во светот

Многу пред К-попот, корејските серии и таканаречениот корејски бран да го освојат светот, еден од првите големи технолошки придонеси на Кореја бил токму ондол.

Овој традиционален систем за подно греење не останал интересен само за жителите на Корејскиот Полуостров, туку го привлекол вниманието и на светски познати архитекти.

Меѓу нив особено се издвојувал американскиот архитект Френк Лојд Рајт, познат по својот впечатлив архитектонски стил, нагласените хоризонтални линии и иновативното проектирање куќи и јавни објекти.

Рајт бил инспириран од корејскиот систем ондол, па идејата за загревање на просторот преку подовите ја вклучил во некои од своите проекти во Соединетите Американски Држави.

Така, изумот создаден пред речиси 3.000 години, од потребата домовите да се загреат во текот на студените зими, станал инспирација и за современата архитектура.