Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, јавно се запраша на фејсбук, дали идниот српски културен центар, кој пред два дена македонскиот премиер Зоран Заев им го вети на Србите во Македонија, ќе зборува за фактот дека, како што рече тој, Кралството Србија ја окупираше Вардарска Македонија во 1913 година.

Бидејќи ние, Бугарите, веќе сме уморни од слушање глупости за таканаречената бугарска окупација, додаде тој.

Во исто време, вицепремиерот на Бугарија изјави дека властите во Македонија ги протерале или репресирале претставниците на бугарската интелигенција кои не се согласуваат со сегашната политика. Како што рече, во денешна Северна Македонија сè уште живеат многу повеќе етнички Бугари отколку Срби.

Парадоксално е тоа што во исто време вашите најблиски луѓе – во вашите партии и семејства, се изјаснуваат како Бугари, докажувајќи го потеклото на своите, а всушност и на вашите баби и дедовци, рече Каракачанов.

Според него, пологично би било Северна Македонија да го одбележи националниот празник на Бугарија – 3 март, кога земјата, заедно со денешна Македонија, беше ослободена од Отоманската империја.

Во врска со ова, Каракачанов истакна дека за жал, сегашната политичка елита во Скопје претпочита да им оддаде почит на џелатите на нивниот народ.

Многу чудна балканска верзија на Стокхолмскиот синдром. Иако, можеби, ова е синдром Белград-Москва, заклучи тој.