Македонија е на прагот на најдрастичната промена досега кога станува збор за пушењето. Владата, преку Министерството за здравство, подготви нов Закон за заштита од пушење кој предвидува целосна забрана на цигари во сите затворени јавни простори, но и сериозни рестрикции за продажбата, рекламирањето и изложувањето на тутунски и никотински производи.

Според предлог-законот, пушењето ќе биде забрането во сите угостителски објекти, без исклучок – ресторани, кафулиња, барови, меани, кантини и други објекти за исхрана. Дополнително, забраната ќе важи и за терасите, освен ако тие не се целосно отворени од најмалку три страни.

Но тука не завршуваат рестрикциите.

Со новите одредби, пушење ќе биде строго забрането и во автомобили, доколку во возилото има дете, како и на автобуски и железнички станици, пазари и низа други јавни простори и институции.

Законот не прави разлика меѓу класични и електронски цигари – истите правила ќе важат и за вејп уредите и електронските цигари, а дополнително се воведува и целосна забрана за ароматизирани тутунски и никотински производи.

„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, се наведува во предлогот.

Цигарите целосно ќе исчезнат и од видното поле на купувачите – нема повеќе изложување на рафтови, ниту пак рекламирање, без разлика дали станува збор за класични или електронски производи.

Овие законски измени наскоро ќе бидат објавени на платформата ЕНЕР, каде што ќе започне јавна расправа.

Од Министерството за здравство велат дека мерките се неопходни и предупредуваат на сериозни последици доколку не се реагира веднаш.

„Целта е воведување појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со посебен фокус на децата и младите. Сакаме да ја намалиме изложеноста на чад и аеросоли и да спречиме создавање нови генерации зависници“, велат од Министерството.

Инаку, според последните податоци, над 45% од возрасните во Македонија се пушачи, што е значително над европскиот просек. Речиси половина од нив пушат повеќе од 20 цигари дневно, а статистиката покажува дека околу 4.000 луѓе годишно умираат од болести поврзани со пушењето.

Дали ова ќе биде крајот на чадот во јавниот живот – ќе се знае по јавната дебата, но едно е јасно: Македонија никогаш досега не била поблиску до целосна забрана на пушењето.