Втор ден по стартот на камерите од проектот „Безбеден град“, јавноста сè уште е во шок, а социјалните мрежи вријат од реакции. Голем број возачи уште вчера ја почувствуваа новата реалност и начинот на кој ќе функционира системот што треба да внесе ред во сообраќајниот хаос.
Идејата на проектот е граѓаните конечно да се дисциплинираат и да возат според пропишаните правила – со што ќе избегнат парични казни, а во одредени случаи и посериозни последици како одземање на возачка дозвола.
Но, она што ги интригира сите возачи е фактот што никој точно не знае каде сè се поставени камерите. Освен на неколку поголеми крстосници, новите позиции речиси се „невидливи“. Токму затоа, најпопуларните сообраќајни апликации веќе почнаа масовно да ги мапираат.
Најкористена меѓу нив е „Waze“, каде веќе се појавија голем дел од новите камери. Апликацијата нуди предупредувања за метеж, работи на патот, полициско присуство и – најважно – камери на делницата по која се движите. Доволно е само да внесете дестинација, а патот веднаш ви е исцртан со сите точки каде треба да внимавате.
Скопјани веќе масовно ја симнуваат апликацијата – за да знаат каде да возат попрописно, а каде „двојно попаметно“.
