Еден кантавтор од Тексас реши да трча 100 дена по километар и пол. Резултатите се изненадувачки.

Зак Теландер го прифати предизвикот на 100-дневно трчање, одлучувајќи секој ден да поминува по околу еден и пол километар. Сега ја откри својата неверојатна трансформација.

Кантавторот од Тексас си постави цел со секој обид да го намали времето за 10 секунди. По 100 дена, неговото тело се промени – стана поцврсто и поиздефинирано, кардиореспираторната кондиција значително му се подобри, а времето за опоравување стана многу пократко.

Почна полека, одлучувајќи да истрча „многу бавен“ километар за десет минути.

Идејата му се појавила на 1 јуни, по раѓањето на ќерката, кога знаел дека ќе има помалку време за долги тренинзи.
„Помислив, човече, баш би било кул денес да истрчам километар и пол за 10 минути, а утре за 9 минути и 50 секунди, а потоа за 9 минути и 40 секунди“, раскажа Теландер за списанието Men’s Health. „Суштината беше секој ден да спуштам по 10 секунди, сè додека повеќе не можам. И буквално еден час подоцна веќе бев на патеката.“

Иако имал искуство во кревање тегови, Теландер не бил сигурен како овој нов предизвик ќе влијае на неговата физичка подготвеност, а претходно верувал дека ќе му ги намали резултатите во боди-билдингот.

На првиот обид без проблем истрчал километар и пол за 9 минути и 43 секунди.
„Тоа беше пред да почнам премногу да размислувам за програмата, пред да се грижам за оптимален ритам. Само почнав да трчам и бум“, изјави тој на Инстаграм, каде што има 200.000 следбеници.

Целта му била 10 минути без никакво напрегање, така што веднаш бил близу. Она што било интересно е што тоа го натерало да трча 22 дена по ред, а потоа сфатил дека може едноставно да продолжи.

Но, она што на почеток изгледало како лесен предизвик, наскоро станало потешко – најмногу поради мотивацијата.
„Имаше денови кога воопшто не сакав да трчам“, признава тој. „И единственото нешто што си го повторував беше: Ќе знаеш дека не си трчал. Можев да си кажам: Па никој нема да знае ако прескокнам еден ден, но сепак ќе можам да тврдам дека не сум го прекинал низот. Но јас ќе знам. И само тоа ми беше доволно – веднаш ги обував патиките и си велев: Ајде, тргнувај.“

Во врска со вежбањето во теретана, Теландер забележал дека трчањето му станало приоритет, поради што помалку време минувал во теретана – едноставно немал енергија за кревање тегови на крајот од денот.
„Вчера истрчав 12 спринтови по 400 метри со брзо темпо и само една минута пауза меѓу нив, и воопшто не ми падна на памет да одам во теретана подоцна вечерта. Мислам дека тоа е најголемата промена“, рече тој.

„Доаѓам од средина во која многу време минував во теретана. И мислам дека нема шанси да бидам толку силен и во исто време да трчам онака како што сакам. Но не мислам дека трчањето толку ми ја намалува силата – едноставно повеќе не ми е толку важно кревањето како порано.“

По 100 дена, овој инфлуенсер ја објави својата трансформација на Инстаграм, со видео „пред и потоа“ и опис: „100 дена последователно трчање. Јадев повеќе, спиев помалку (имавме бебе), но сепак успеав малку да го променам телото. Еве го денот 101!“

Сега планира да продолжи со трчањето и да види колку може да го подобри своето време, обемот на тренингот и времето на опоравување со редовна работа и во теретана.

„По 100 дена се чувствувам одлично и ќе продолжам, затоа што навистина се борев за да ја стекнам оваа способност. Кога почнував, не можев со овој ритам да истрчам повеќе од километар и пол или три, а сега имам чувство дека можам да одам сè подалеку и подалеку. И би било штета да одлучам да застанам и да ја изгубам таа способност. Не знам колку долго ќе можам да го правам ова, но не гледам дека ќе престанам скоро“, изјави Зак Теландер.