СВР Скопје поднесе кривична пријава против четири лица во врска со тешката сообраќајна несреќа што вчера околу 11:30 часот се случи на улицата „Народен фронт“ во Скопје, во близина на ТЦ „Беверли Хилс“, во која животот го загуби 79-годишна жена.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.С. (18) од Скопје, удрило во Љ.Ј. (79), која од здобиените повреди починала на местото на настанот. По несреќата, возачот со возилото избегал.
По пријавата, полициски службеници презеле интензивни мерки за расчистување на случајот. Преку системот „Безбеден град“, камерите од околните објекти и изјави од сведоци, било утврдено дека возилото е сопственост на Б.С. (45) од Скопје, татко на осомничениот возач.
Возилото било пронајдено пред домот на сопственикот, каде бил затекнат С.С. (69), кој бил приведен и со него бил извршен службен разговор.
Дополнително е утврдено дека возачот С.С. (18) и неговиот татко Б.С. (45), со помош на Ш.П. (45) и А.Ј. (53) од Скопје, ја напуштиле државата во текот на истиот ден. Ш.П. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје за кривично дело „помагање на сторител по извршено кривично дело“.
Против возачот С.С. (18) е поднесена кривична пријава за „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, како и за „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“. Полицијата интензивно трага и по него и по неговиот татко, за кои е распишана официјална потерница.
Пронајдени и одземени се двете возила – „фолксваген пасат“, со кое била удрена жената, и „мерцедес“, со кој осомничените ја напуштиле државата. За случајот е известен и јавен обвинител, кој ќе ја води понатамошната постапка.
