Ерика Кирк откри дека носи крвав привезок со ликот на свети Архангел Михаил, кој нејзиниот сопруг Чарли го имал на себе во моментот кога беше убиен.
Меморијалната служба за убиениот конзервативен активист Чарли Кирк е закажана за 11 часот по локално време на стадионот „Стејт Фарм“ во Глендејл, Аризона. Официјалното собирање започна уште во 8 часот, а дел од луѓето пристигнале уште во текот на ноќта. Организаторите најавија присуство на повеќе од 100.000 граѓани облечени во црвено, бело и сино.
На настанот присуствуваат бројни високи личности од американската политика. Обраќања ќе имаат претседателот Доналд Трамп, потпретседателот Џеј Ди Венс, вдовицата Ерика Кирк, шефицата на кабинетот на Белата куќа Сузи Вајлс, државниот секретар Марко Рубио, секретарот за здравство Роберт Ф. Кенеди Јуниор, секретарот за одбрана Пит Хегсет, директорката на националната разузнавачка служба Тулси Габард, Доналд Трамп Џуниор, новинарот Такер Карлсон и други.
„Ќе славиме живот“
Пред да замине за Аризона, Трамп изјави од Белата куќа:
– Денес ќе славиме живот на еден голем човек. Навистина голем, млад човек, но голем човек. Сакаме на овој ден да гледаме како на момент на исцелување. Тешко е да се поверува дека нешто вакво може да се случи – рече тој.
Крст со траги од крв
Ерика Кирк раскажа дека го носи малиот крст што лекарите го извадиле од телото на нејзиниот сопруг додека се бореле да го спасат откако беше застрелан во Јута. На него сè уште се гледаат траги од крв. Таа откри дека вечерта пред пукањето заедно се молеле со пријател, верски лидер, кој го советувал Кирк да носи панцир или да зборува зад непробојно стакло поради заканите – нешто што тој го одбил.
Илјадници на стадионот
Стадионот „Стејт Фарм“ беше речиси целосно исполнет уште пред 9:30 часот. Според полицијата, повеќе од 200.000 луѓе се обиделе да присуствуваат на службата, додека внатре влегле околу 73.000.
Во музичкиот дел, сите присутни кренаа листови со натпис „Никогаш не се предавај“, а оркестар на гајди во шкотски тартан ја изведе христијанската химна „Чудесна милост“.
Илoн Маск со овации
Извршниот директор на „Тесла“, Илoн Маск, влезе на стадионот придружен со громогласни овации и поздрави неколку пати пред да го заземе своето место.
„Turning Point е жив и здрав“
Првиот говорник беше пасторот Роб Мекој, кој истакна дека Кирк често го нарекувал свој пастор и дека неговата организација „Turning Point USA“ продолжува да живее, што ја покажува решителноста на присутните да го продолжат неговото дело.
Чарли Кирк беше основач и извршен директор на „Turning Point USA“ – најистакнатата конзервативна младинска организација во земјата.
Пристигнувањето на Трамп
Американскиот претседател Доналд Трамп со „Air Force One“ слета во Аризона непосредно пред своето обраќање на комеморацијата.
