Марко Јурешиќ од Бусовача покажува дека шумата може да биде подобра од просечна канцелариска работа. Неговата приказна за слободата, упорноста и заработката од боровинки и вргањи стана вирална, а „кралот на вргањите“ демонстрира како од подстанар и потенцијален гастарбајтер стана свој газда, финансиски стабилен и целосно поврзан со природата.

– Шумата ми дава нешто што никогаш не би го имал во канцеларија – целосна слобода. Работам со шумски плодови и може добро да се заработи. Станувам, работам, уживам и заработувам. Нема загадување, нема шеф. Ќе си понесам нешто за јадење и така го поминувам целиот ден – раскажува Марко.

Пред да почне да живее од шумата, бил подстанар и размислувал да замине во Германија. Денес е пресреќен што не го направил тоа, затоа што берењето плодови му овозможува живот каков што посакувал.

– Размислував да одам во Германија кога немав ништо. Бев подстанар. Но потоа почнав да собирам, и сега сум свој газда. Станувам кога сакам, работам колку што сакам и си одам дома кога ќе сакам – додава Марко.

Оваа работа му овозможила да ја издржува семејството со четири деца, да купи куќа и три автомобили – сето тоа благодарение на секојдневната работа во природата.

Колку може да се заработи во шумата?

Марко вели дека може многу, ако човек е подготвен да работи. Во сезоната бере боровинки и брусници, а во врвот на сезоната може да собере и до 100 килограми бобинки дневно:

– Кога ќе наберем 100 килограми, тоа е околу 1.025 евра – објаснува тој.

Иако работата бара физичка издржливост и често користи лекови против болки во грбот, од шумата никогаш не излегува со помалку од 10 до 15 килограми плодови. Средбите со диви животни не се ретки, а во шумата често среќава и други собирачи.