Утрото во Македонија донесе сериозни проблеми во сообраќајот поради снег, магла и излевање на река на коловоз. Повеќе патни правци се погодени од зимските услови, а надлежните институции апелираат на максимална внимателност.
Патниот правец Удово – Валандово е целосно затворен за сообраќај од 05:25 часот, откако Калковска Река се излеала на коловозот. Според информациите од АМСМ, сообраќајот на оваа делница е во прекин, а возилата се пренасочуваат по алтернативниот пат преку селото Марвинци.
Нестабилното и студено време дополнително ја влошува состојбата и на останатите патишта низ државата. На повеќе планински превои има густа магла со видливост до околу 100 метри, особено на Плетвар, Ѓавато и Пресека, што значително го зголемува ризикот од сообраќајни незгоди.
Сообраќајот на другите државни патишта се одвива во зимски услови, по влажни и студени коловози. На повисоките места се задржува кашест снег, а екипите на ЈП „Македонија пат“ се постојано на терен и интервенираат каде што е потребно.
Утрото е претежно облачно и студено, со повремено слабо провејување на снег во повисоките населени места и планинските региони. Температурите на повеќе локации се под нулата, што создава дополнителна опасност од мраз и пролизгување.
На граничните премини, засега нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Надлежните служби повторно апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да држат поголемо растојание и редовно да ги следат најновите информации за состојбата на патиштата.
