Средината на XVI век. Еден од најголемите владетели на Отоманската империја, султанот Сулејман Величествениот, предводел нов воен поход. Издавал наредби, потпишувал документи, војската го поздравувала и изгледало како сè да се одвива вообичаено. Но зад привидот на сила се криела сурова вистина – царот бил стар и тешко болен.
Во есента 1566 година, султанот со својата војска стигнал пред тврдината Сигет во Унгарија. Имало 72 години, бил изнемоштен и повеќе време поминувал во носилка отколку на коњ. Со него биле илјадници војници предводени од големиот везир Мехмед-паша Соколовиќ. Австрискиот цар Максимилијан II одлучил да го жртвува градот и го оставил Никола Зрински со своите борци да го забават турското напредување. Борбите биле жестоки, а турската војска претрпела огромни загуби.
Во тоа време султанот страдал од гихт, ревма, дијабетес и хронични срцеви проблеми. Сè потешко се движел, трпел силни болки и бил целосно исцрпен. Сепак, посакувал да ја дочека уште една голема победа. Ноќта меѓу 5 и 6 септември 1566 година, за време на опсадата, Сулејман починал во својот шатор во Сигет. Починал од природна смрт – изморен од болести, старост и тешкиот поход.
Мехмед-паша Соколовиќ знаел дека веста за смртта не смее да се открие додека траат борбите. Телото било балсамирано, облечено во царски одежди и поставено до прозорците од шаторот, за војската да може да го поздравува. Му носеле оброци, а наредби продолжиле да се издаваат во негово име. Секретарите го имитирале неговиот ракопис, запишувајќи ги наредбите што всушност ги диктирал везирот. На тој начин, и мртов, султанот „продолжил да владее“.
Почетком септември, Турците ја пробиле последната одбрана. Никола Зрински загинал во последниот јуриш, а Сигет паднал во турски раце. Победата, сепак, не можел да ја прослави нивниот владетел – Сулејман веќе бил мртов. Соколовиќ испраќал посланици што го објавувале триумфот „во име на султанот“.
Сè до октомври, војската верувала дека султанот е жив. Дури на 24 октомври 1566 година, кај Белград, било објавено дека Сулејман починал. Тогаш започнала трката со времето – дали неговиот син, Селим II, ќе успее да ја преземе власта и да спречи побуна? Иако имало незадоволство поради поделбата на наградите, состојбата била брзо смирена, а Соколовиќ го задржал местото на голем везир и продолжил да управува со империјата.
Смртта на Сулејман го означила крајот на една епоха. Владеел 46 години, бил најголемиот освојувач и законодавец на својата династија. Иако животот го завршил болен и исцрпен во воен шатор, неговата моќ и неговото име продолжиле да одекнуваат далеку надвор од границите на империјата.
