Ако ви треба јадење по кое сигурно никој нема да остане гладен, пикантните и сочни ќофтиња се одличен избор, а се подготвуваат многу брзо.
Идеи за ручек никогаш не се доволни, но кога не сте расположени за експерименти туку сакате нешто проверено, вкусно и заситно, секогаш со задоволство им се враќаме на ќофтињата.
Со вкусен и добро зачинет сос, топчињата од мелено месо се јадење по сечиј вкус, а може да се послужат со варен, печен или пире компир, варена тестенина или барен ориз… како и да ги сервирате, уживањето е загарантирано!
Состојки
За ќофтињата
-
600 г мелено месо
-
1 главица кромид
-
1/3 врзоп магдонос
-
1 јајце
-
1/3 шолја презла (околу 40 г)
-
2 чешниња лук
-
1 лажичка сол
За сосот
-
1 главица кромид
-
3 чешниња лук
-
1 лажичка мелена пиперка
-
600 мл сок од домати
-
7–8 листови босилек
-
сол и бибер по вкус
-
1 лажица шеќер
Подготовка
Ситно исечкајте го кромидот и магдоносот, а лукот исечкајте го и изгмечете го. Измешајте ги во голем сад со меленото месо, па додајте ги јајцето, презлата и зачините и добро измешајте. Замесете со раце додека смесата убаво не се соедини.
Со намастени дланки обликувајте ќофтиња.
Ставете масло во тава и загрејте на средна температура, па пржете ги ќофтињата по една минута од секоја страна, додека благо не заруменат, потоа извадете ги од тавата.
Во истата тава пропржете ситно сечкан кромид околу 4–5 минути. Потоа додајте ситно сечкан лук и мелена пиперка и пржете со мешање околу 3 минути.
Налејте го сокот од домати, додајте ги листовите босилек, сол, бибер и шеќер и промешајте.
Кога сосот ќе почне да врие, вратете ги ќофтињата во тавата, намалете ја температурата и оставете да се крчка покриено околу 30–40 минути, со повремено превртување на ќофтињата.
