Утре православните верници го чествуваат денот на иконата на Богородична Троеручица.

Оваа света и чудотворна икона на Пресвета Богородица најпрвин му припаѓаше на свети Јован Дамаскин, кој живееше во VIII век по Христа. Во тоа време, Дамаск беше дел од исламската држава – Омејадскиот калифат, а Јован беше службеник кај калифот. Кога во соседното христијанско Источно римско царство се појави ереста на иконоборството, тогаш светиот Јован Дамаскин се покажа ревносен заштитник на светите икони.
Advertisement

Заради тоа, безбожниот иконоборен цар Лав III Исавријанец го наклевети Јована пред Калифот за божемно ковање завера против калифот, заради што на Јован како казна му беше отсечена десната рака. Но, Јован измоли од калифот да му ја дадат отсечената рака, и, откако ја доби, се молеше пред оваа икона на Пресветата Богомајка за исцеление. Молејќи се долго пред иконата, Јован заспа пред неа. На сон му се јави Богомајката и му ја врати отсечената рака на нејзиното место, оставајќи само видлива лузна на кожата, на местото каде што беше пресечена, како сведоштво за чудото.

Од благодарност за исцелението, светиот Дамаскин направи рака (поточно дланка) од сребро и ја додаде на иконата, која од тогаш е наречена „Троеручица“ (или „Трирачица“). Кога го виде тоа, калифот сфати дека Јован бил лажно обвинет и сакаше да го задржи на претходното место каде што службуваше, но Јован одбра да замине во манастир и отиде во лаврата на свети Сава Освештен, помеѓу Ерусалим и Мртвото море, каде што се замонаши, а со себе постојано ја имаше оваа чудотворна икона на Пречистата Богомајка.

Светиот Сава Освештен им имаше оставено завет на своите монаси, неговиот игуменски стап и неговата икона наречена „Млекопитателка“ (или „Млекохранителка“) монасите да му ја дадат на оној монах кој ќе дојде да се поклони во лаврата многу години после смртта на свети Сава Освештен, а кој ќе го носи истото име – Сава, и при чие доаѓање ќе се придвижи игуменскиот стап. Пред својата смрт, светиот Јован Дамаскин кон овој завет ја приложи и иконата Троеручица да биде предадена заедно со останатите работи. Очекуваното знамение се случи во XIII век, кога во лаврата дојде свети Сава, првиот Српски архиепископ, и при неговото доаѓање се придвижи игуменскиот стап на светиот Сава Освештен. Така, свети Сава во Србија ги донесе двете икони и игуменскиот стап.