Уште еден млад човек раскажа што се случувало на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде настрадаа 59 луѓе во пожар.
Јорданчо Ефтимов од Кочани имал изгореници на лицето и рацете, но вели дека спасот го нашол под мртвите тела – и токму тоа го спасило.
Во разговор за „Суппорт Кочани“, Јорданчо ја опишува кобната ноќ како нешто што никогаш нема да го заборави. Во моментот кога избувнал пожарот, се наоѓал на најоддалечената точка од вратата и шансите за бегство му биле скоро никакви.
„Температурата внатре беше како во фурна за леб. Изгорениците не ми се од пламенот, туку од жештината. Се спасив бидејќи лежев на подот и бев затрупан со луѓе – не зборуваа, не се движеа… не знам дали беа живи“, раскажува Ефтимов.
На неговото лице има помалку изгореници токму затоа што било прекриено со телата на другите. Едната рака (левата) веќе му е функционална, додека другата треба да закрепне. Но, најстрашниот момент, како што кажа, бил кога почнал да се освестува и сфатил дека телата околу него не реагираат.
„Кога ја извадив раката, само видов како се растргнуваат луѓето над мене… и некој ми подаде рака да станам. Тогаш сфатив дека сум жив“, раскажува момчето.