Кога ќе го видите конечниот резултат, веруваме дека отсега ќе ги заборавите сите други техники за бојадисување јајца.
Се приближува Велики петок кога повеќето домаќинки бојадисуваат велигденски јајца. Имате уште малку време да се одлучите за техника, а тоа навистина не е лесно со оглед на тоа што постојат многу начини да ги обоите и да изгледаат прекрасно.
Лушпите од кромид секогаш се сигурен избор, за поавантуристичките има боење со шлаг и сода бикарбона, а за оние што немаат многу време, а сакаат трпезата да им биде украсена со убави јајца – најдобра техника е бојадисување со фломастери и салфетка.
За оваа техника ќе ви бидат потребни:
- бели јајца
- фломастери
- салфетка (убрус)
- оцет
Подготовка:
- Најпрво сварете ги белите јајца кои претходно сте ги измиле. Во водата додајте сол, оставете да зоврие, па варете уште 10 минути.
- Потоа земете салфетка и исцртајте ја со фломастери како сакате и со бои по избор.
- Ставете го јајцето во салфетката и завиткајте го, па врзете го со гумче или конец.
- Јајцето завиткано во салфетка ставете го во мешавина од вода и 2 лажици оцет.
- Откако ќе го повторите процесот со сите јајца, оставете ги 2 до 3 часа за бојата подобро да се впие.
- Потоа тргнете ја салфетката и пребришете ги јајцата со малку масло за сјај.
На крај ќе добиете уникатни, шарени велигденски јајца со минимален труд.
